ДИСКУСИЈА

Мошне често употребуван збор. Го слушаме на разни состаноци, конференции, во приватни разговори и насекаде. Знаеме ли точно што значи тој збор? Вака, како што го употребуваме и како што го слушаме, не сме уверени дека го знаеме точното значење.

Дискусија! Тоа е збор кој води потекло од латинскиот јазик. Многу одамна приопштен во меѓународниот лексички фонд. Дискусија значи претресување, расправа, дебата, расчленување, произнесување. Значи и критика (позитивна или негативна) за да се дојде до вистината или да се најде прифатливо решение за некоја работа. Има и други значења.

Учесниците во дискусијата се викаат дискутанти. Преведено буквално од латинскиот јазик точно така се викаат оние што дискутираат. Ова, досегашново е вака. Но во практиката на зборот дискусија му се придаваат и поинакви (погрешни) значења. Сме слушале да се рече: “Од многубројните дискусии на состанокот, издвоивме неколку”! Тука се грешките. Дискутант во дискусијата не може да има и своја дискусија. Рековме, дискусијата е општ претрес на повеќе учесници, на повеќе дискутанти. Дискутантот може да има свое излагање, свој збор во една дискусија како сопствен прилог или учество во неа.

Значи, дискусија е општиот претрес, сите излагања, сите критики и пофалби за определена тема, сите поединечни говори, сите тие ја претставуваат, ја сочинуваат дискусијата. Во неа може да има многу дискутанти, но никој не може да има своја дискусија. А ние, премногу често слушаме да се рече: “За дискусија се јави тој и тој”. Сме слушале да рече претседавачот: “Прва за дискусија се јави таа и таа госпоѓа”. Редовни се ваквите грешки. “За збор се јави тој и тој”, така треба да гласи приведената реченица. “Прва за ЗБОР се јави таа и таа госпоѓа”, тоа е правилното. Наместо убава дискусија, може да се рече дека било убаво излагањето, може да биде убав говор и така натаму. Може да се рече дека од многубројните излагања, (искажувања, образложенија ) издвоивме неколку.

Грешките со дискусиите се мошне чести. Тоа е толку навлезено во сфаќањето на луѓето, што никој и не помислува дека прави грешка. Чудно е, зошто досега ниту еден лектор, а и не мора да биде лектор, не се сетил да го образложи ова прашање. Да им објасни на луѓето.

Дискусија е општата расправа, општата дебата. Затоа не велиме дека тој и тој имал успешна расправа или неуспешна дебата. Не можеме да речеме дека сме издвоиле неколку успешни дебати или дека некоја госпоѓа се јавила за расправа. Да го приведеме при крај прашањево.

Еве, уште еднаш, како заклучок! Дискусија е општата расправа. Учесниците во дискусијата се дискутанти, тие дискутираат, но не можат да имаат своја дискусија.

Уште една грешка ја слушаме често – боравишна такса. Овој израз особено се употребува во туристичките места. Се вели дека, меѓу другото, се плаќа и боравишна такса. Сме слушале, а и сме читале многупати дека боравишната такса била многу голема. Глаголот борави го има во нашиот јазик но со сосема поинакво значење – буричка, меша. Во мариовскиот крај качамакот го викаат уште и тури- борави. Значи, турај и мешај (буричкај). Затоа, нема, и не треба да се употребува изразот боравишна такса. Тоа може да биде такса за престој, такса за престојување, престојувалишна такса. Од трите варијанти сметаме дека е најпогодно да се вика такса за престој, како најкраток, најстегнат исказ. И другите две варијанти се можни и точни, но такса за престој е сепак, најдобра.

Благоја Ивчески

Loading