ОД ПИСТА ВО СОКАЧЕ

Фотографијата од пред 50 години сведочи дека биле во право прилепчани, на кои, пробивањето на новиот булевар, под кој настрадале многу чикмаци и дуќанчиња, им изгледало како да се гради авионска писта. На широката улица, освен по некој минувач, ретко да минело некое моторно возило. Но, затоа булеварот, послан со гранитни коцки, бил лезет за арабаџиските коли и магарињата. Пространоста сведочи дека архитектите го проектирале за околу 30 години да биде главна и комотна сообраќајница, широко шеталиште, оградено со паркови, липи и зелени огради. Времињата не стојат. Дојде периодот кога на улиците нема место игла да се фрли од автомбили. А магарињата и запрегата останаа само за на слика, да им сведочат на помладите генерации дека некогашната авионска писта, сега се претвори во сокаче.

Loading