ЗА 50 НАСТО ПОВЕЌЕ ПЛАЦЕВИ ЗА БИЗНИС

Донесен ГУП на Општина Прилеп

Станбени згради кај Брза помош и Точила, семејни куќи кај Оранжериите

Зголемување на површините за работни зони од 47 отстое предвидено со новиот Генерален урбанистички план кој го донесе Советот на последната седница. Со претходниот ГУП, беа предвидени 405, а со новиот 597 хектари. Големината на опфатот изнесува 1928.8 хектари, и е поголем за околу 400 хектари од претходниот опфат. Прилеп е прва општина која го донесе ГУП – от, кој локалните власти го платија пет милиони денари. Најголем дел од проширувањето се однесува на работните зони (индустрија, сервиси, стоваришта итн.) и просторот за домување. Со ГУП-от значително се зголемуваат работни зони, главно покрај патните правци Прилеп – Македонски Брод и Прилеп – Битола. Тој ќе влијае за подобрување на условите за привлекување на свежи инвестиции, што пак ќе придонеси за подинамичен економски развој. Зголемени се и површините за домување. Пренаменет е просторот на оранжериите во локации за семејни куќи со висок стандард на живеење и ќе претставува продолжување на “Типска населба”. Предвидени се нови комплекси со плански интегрирани зелени површини, обезбедување, спорт и рекреација и слично – рече Марјан Ристески, градоначалникот. ГУП-от содржи шест групи на класи на намени, домување, комерцијални и деловни намени, јавни институции, производство, дистрибуција и сервиси потоа ; зеленило и рекреација и инфраструктура.

Бенефит за граѓаните и за бизнисмените

ГУП се работеше две години, бидејќи е сериозен проект со важност од 10 години. Не случајно урбанистите го нарекуваат локален урбанистички устав. Одлуката е донесена едногласно. ГУП-от помина без забелешки. Документот овозможува во наредните 10 години да очекуваме нова бизнис клима, нов амбиент за градба на станбени објекти. Тоа е подобрување на условите за работа, за бизнис и подобрување на финансиската состојба на Општината. Бенефит ќе имаат сите – рече Димитар Стевананџија, претседател на Советот на општина Прилеп. Со новиот ГУП ќе се надминат сообраќајните тешкотии. Тоа значи намалување на профилите на сообраќајниците. Новата автобуска станица има соодветна локација, колективните згради застапени се кај Брзата помош, кај Касарните, во Точила, индивидуалното домување преку новите површини кај оранжериите. Индустриските зони ќе се зголемат кај 50 насто. Спортските терени зад Могилата се зголемени и сите инвеститори може да се насочат. Од помалите објекти се капелата во Старите гробишта и џамијата во Тризла. Се отвораат можности за нови зафати, оти ГУП -от е од развојно инвестициски карактер – вели Илија Карески, раководител на Секторот за урбанизам.

Побрзо до инвеститори

Од 1 јули со државното земјиште ќе стопанисува општината и со изработката на Деталните урбанистички планови за месец – два веднаш ќе се издава земјиштето на инвеститорите. ГУП не е апстрактна категорија, туку е сублимат на интересите на граѓаните и глобалните економски движења, почитувајќи ја и теоријата на урбанизмот, односно развојната нишка. Тој е спој од желбите и интересите на бизнис секторот, на потребите за домување, парковски површини, јавни институции, односно секојдневните потреби на граѓаните кои најдобро ги чувствуваме. Зголемен е станбениот простор и тоа е добар индикатор дека Прилеп е убаво место за живеење. Потврда е зголемената цена на станбениот простор – вели Бранко Нешкоски, директор на ЈП за ПУП. Новиот ГУП е од развоен инвестициски карактер, кој ќе овозможи развој во наредните 10 години.

Loading