ВЕЧЕРВА “ЗБОГУМ” НА СЕЗОНАТА

Ракомет: Жито Прилеп го запечати второто место

Последен ривал е скопски Вардар

Жито Прилеп со серија победи ја финишира суперлигата. Заслужено се запечати второто место. Нема достојни противници, освен шампионот Металург. Затоа е разбирлив приклучокот кон Регионалната, балканска лига. На домашната сцена Ж. Прилеп е надмоќен. Може да игра двапати на ден и да победува. Така се случи екипата на Ристо Магдинчев да го збие распоредот на последните три меча за седум дена. Во саботата “падна” Гевгелија (32-24), во вторникот Кичево (41-22). Дуелот од последното коло со Вардар е вечерва во арената “Сонце” во 19 часот е “збогум” на сезоната. Сезонава е најуспешната, по петтото место првата година и четвртото лани. Вицешампионското место е убедливо освоено, во Купот е одиграно финалето, а во спомен е и четвртфиналето со францускиот Мио во европскиот Челенџ куп. Сега поважно е зголемувањето на првотимките. На бековска линија се појавија Ивана Петковска, Марија Петлеска, од крило Софија Аџулеска, а меѓу стативите е Сандра Дурланова. Актуелните ракометарки треба да се потврдат натаму. Најавени се пет – шест засилувања, безмалку цела постава. Наредните седум – осум има одмор, а потоа продолжение на тренинзите.

Состанок во Заечар

Потпретседателот Звонко Јанков, секретарот Дарко Димовски и тренерот Ристо Магдинчев, утре ќе присуствуваат на фајнл – форот од Регионалната лига во Заечар, Србија. Теми се системот, распоредот и слично. Регионалната лига е со тимови од поранешна Југославија.

Loading