ТУРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ДОНЕСОА ЗЕМЈОТРЕС

Историја

На 1 септември 1994 во Прилеп се одигра пријателска на младите фудбалски репрезентации, Македонија – Турција (1-0). Мечот помалку се памети по голот на Тони Ангелов, а повеќе по – земјотресот. Тлото се стресе, се измести, за време на играта. Топката сама се шеташе, а фудбалерите стоеја исплашени. Паниката најмногу беше на трибините. На северната, сите срипаа надолу. Некои останаа без влечките, спасуваа глава. Други се сокрија под штицата за пишување на новинарите. Камерманите со камерите се нишаа најгоре. Турската делегација беше почестена да седи на високи столчиња на малата трибина. Кога се затресе, костумосани се разбегаа надолу, пресконувајќи по три – четири скали наеднаш. Земјотресот престана, но никој не сакаше да се врати на местото. Сите гледаа стоејќи најдолу. Против турските ѕвезди од Галатасарај, Фенербахче, Трабзон, Бешикташ, Македонија настапи со: Јовчев, С. Здравевски, Седлоски, Б. Ѓорѓиоски, Николовски, Васевски (П. Георгиевски), Михајлов (Герасимовски), Ангелов (Капинковски), Христов, Захариевски (Гошев) и Шакири.

Loading