СТАНУВАМЕ ПАРЛАМЕНТАРНА ПАРТИЈА

Игор Димески, носител на листа на кандидати за пратеници од СДУ

Нема големи поместувања на политичката сцена, оти левицата сé уште е во катастрофална состојба, а тоа место ќе го заземе СДУ

Игор Димески, потпретседателот на Социјалдемократската унија на Лазе Еленовски, е единствен прилепчанец на челно место на листите за кандидати за пратеници на претстојните предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Оценува дека добро поминале на последните локални избори, а за следните параментарни, кога настапуваат самостојно, иако имале извонредна понуда за коалицирање од ВМРО – ДПМНЕ, очекуваат да станат парламентарна партија. Не прогнозира колку граѓани ќе им ја дадат довербата, но убеден е дека ќе имаат свои во парламентарните клупи. Не очекува големо поместување на политичката сцена, оти левицата сé уште е во катастрофална состојба. Смета дека тоа место ќе го заземе СДУ. Анализите му покажуваат мали поместувања со појавата на ВМРО – НП и Обединети за Македонија од Љубе Бошкоски. Сепак, нема драстични промени и разлики.

Левицата е заложник на олигарсите

Десетина години се пробува “ремонт” на неавтентичната левица. Затоа се создаде НСДП со Тито Петковски. Самостојно излеговме на изборите во 2006 година. Уште мислиме дека актуелната левица не е автентична и не може да се носи со државните проблеми. Актуелната левица е олицетворение на олигарсите, таа е нивни заложник и ден-денес. Младата сила расчисти засекогаш, а Тито нé предаде. Најупорните се организиравме во модерна социјалдемократска опција и станавме Социјалдемократската унија (СДУ). Тито замина со СДСМ, Æивко Јанкуловски, близок со ВМРО – ДПМНЕ, замина со ВМРО – ДПМНЕ, а ние останавме меѓу двете опции. Не сме блиски со ВМРО – ДПМНЕ. Ако бевме, ќе бевме со ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи сме поорганизирани од ПОДЕМ на Æивко Јанкуловски. Три години сме партија која самостојно настапи на локалните избори и еве сега самостојно настапуваме на парламентарните избори – вели Димески.

Грижа за оставените на улица

Според Димески, идејата на СДУ е многу посилна и води напред. Убедени се во успех, независно дали на овие или по неколку изборни циклуси. Чувствуваме поддршка од граѓаните, оти нудиме програма, а не списоци за кого да се гласа… Нема чекори, ниту утопија, ни имагинарни ваучери. Имаме тотално различен, левичарски, концепт. Единствен начин е да тргнеме напред, кон автентична левичарска влада, која ќе се грижи за оставените на улица, која ќе се грижи за распаднатиот општествен капитал и која контролирано ќе го троши буџетот – најавува Димески. Приоритет на СДУ се енергетски објекти со обновливи извори. Тие да се градат со буџетски пари. Такви се Чебрен и Галиште, но без приватно партнерство. Тоа се извори за непотрошливи објекти – хидроелектраните, електраните на ветер или на сонце. Со евтината енергија да управува државата и да дава социјални пакети на загрозени семејства – објаснува Димески. За СДУ, приватниот сектор е прифатлив во термо – енергетските капацитети со ограничени ресурси. Заговорници се на идејата за градба на нуклеарна централа во Македонија. Не се за промена на уставното име, но за компромис со име за меѓународна употреба, поради нужноста од интеграција во ЕУ и во НАТО.

Спас за Тутунски и Еурокомпозит

Горчливо е прашањето за судбината на Тутунскиот комбинат. Подготвивме посебен закон со решение за загубарите. Чувствуваме одговорност да им дадеме значење на загубарите, бидејќи два се во Прилеп. Најбитно е државата да ги обезбеди вработените. Еурокомпозит и фабриката од Самоков, како наменски фабрики, да се решаваат интегрално. Треба да се искажат и менаџерите за обештетувања на вработените до пензија. Имаме концепт со конкретни решенија, кој ќе го обелодениме со усогласување со оние со кои ќе коалицираме во идната влада – смета Димески.

Субвенции по класи

Цените на тутунот не се голем проблем, колку што е концептот на субвенциите. Вработен сум 18 години во Тутунскиот комбинат (ТКП). Со багаж искуство, велам дека е нужна соработка меѓу тутунарите и откупувачите. Конкретно, ТКП не смее да да ги вади жешките костени, а кога ќе пристигне реколтата и треба да се прават профити, да ги збираат странците. Тоа е голема грешка. Владата дава субвенции од едно евро за килограм, односно му даде едно евро на странците што го откупуваат тутунот. Годинава ги затворија вратите, платија казна 5000 евра, да не загубат 50 или сто илјади евра. А ТКП го откупи заостанатиот род. Друг проблем е како ТКП ќе ја помине оваа реколта. Субвенционирањето е погрешно, оти не се субвенционира квалитет. За СДУ не е добро и лошиот и квалитетниот тутун да имаат исти субвенции. Така не се поттикнува производството и не се вреднува трудот – вели Димески.

Loading