ПЕХАРОТ СЕ СМЕЕ

Фудбал: 11 Октомври цврсто на првото место

Извесен е пласманот во првата лига, останува борбата за врвот

Нема кој да го спречи 11 Октомври на патот кон Прва лига. Неколку кола порано, се реализира проектот. Екипата на Николче Здравески цврсто застана на врвот од табелата и таму треба да остане до крајот. Речиси е сеедно прво или второ место, затоа што двете водат во највисокиот ранг, но најдобриот добива трофеј од ФФМ. Убаво е да се крене пехарот, но не се оптоваруваме и гледаме да го завршиме потцртаното – вели тренерот Здравески. За некои, сето ова изгледаше неостварливо есеноска кога тимот играше под нивото, посебно на почетокот. Како се ближеше крајот на полусезоната, формата се подигна, а пролетва блесна 11 Октомври. Нема кој да ги сопре Коруновски меѓу стативите, последната линија Димитриоски, Филип Мирчески, Данилов, Рутески, во средината засилувањето Мегленски, младите Петрески и Игор Мирчески, Ацески, во нападот Мојсовски, Гешоски. Придонесоа и останатите, Кебакоски, Иваноски, Кулески, Дунимаглоски, Димитровски… За потсетување се изјавите на стратегот кога не одеше најдобро. Цврсто сум убеден дека имаме најсилен тим. Треба време сé да дојде на свое место – беше во право Здравески. Навивачите готват прослава. Клубот е пред најголемиот успех во историјата. Лани во купот беше совладан петкратниот првак Вардар, сега се зачекорува кон “високо друштво”. Второлигашката титула се насмевнува по 15-тата победа над Новаци (2-1) со головите на Гешоски и Ацески. Освоени се 50 бода, четири повеќе од вториот Охрид 2004, девет од Тиквеш. Потребни уште три бода, односно една победа во преостанатите четири кола. Кон таа задача се фокусираме – истакнува Здравески. В недела е гостувањето кај Охрид лоте. Пред три недели крај Езерото беше добиено дербито со Охрид 2004. Домашните се борат за оддалечување од опасната зона. Одиме со ред, од меч на меч и на надигрување со секого. И овојпат целта е победата – подвлекува Николче Здравески.

Најсреќна гледачка!

Продолжуваат наградите од ФК 11 Октомври за симпатизерите. Од присутните на натпреварот со Новаци на нашата фотографија е заокружена гледачка на северната трибина. Беше упорна и издржа на студеното и дождливо време. Од клубот и спонзорот “Елит кафе” доделуваат чадор и други производи. Гледачката треба до среда да се јави во редакцијата на “Зенит”.

Пионерите за куп в недела

Наместо во средата, полуфиналниот куп реванш за пионери кај Ренова во Тетово е поместен за в недела. Пулените на Борче Ангелески – Влашето се борат за финале со предност од 3-1. Кадетите на 11 Октомври веќе се пласираа во финалето, каде ривал е Македонија Ѓ. П.

Loading