БАЛКАНСКИ КРЕМ ВО АРЕНА “СОНЦЕ”

Ракомет: Жито Прилеп вклучен во Регионалната лига

Ривали се 11 од поранешна Југославија

Женскиот ракометен тим, Жито Прилеп, од есен е во ново, елитно друштво – Регионална лига. Пријавено е учеството кај седиштето во Подгорица, Црна Гора. Одлуката е според потребата за далеку посилни, попривлечни противници од домашните. Во управата на чело со претседателот Оливер Деркоски реагираа бргу, откако била дадена согласност од спонзорот од САД, деновиве во земјава, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Првенството стартува во септември, со тоа и спектаклите. Најавени се 12 екипи, пет нови на досегашните седум. Во арената “Сонце” доаѓаат црногорските Будуќност и Бисери, српските Зечар и Јагодина, босанскиот Борац, хрватската Подравка, а најатрактивниот австриски Хипо Виена откажа. Според пропозициите, Жито Прилеп нема да учествува од стартот во домашната Супер лига, туку ќе се вклучи дури во финишот, во плеј – офот и разигрувањето за титулата. Целосно се посветува на натпреварите од Регионалната, каде секој меч е со силен противник. Меѓу ривалите е скопски Металург, од лани член на Лигата. Сигурно амбициите не се скромни, само да се учествува, туку да се биде жилав противник. Со актуелниот состав јасно е дека шанси нема за достојно претставување, а засилувања треба да се очекуваат летово. Според сите анализи, најмалку пет – шест квалитетни мора да го засилат тимот на Ристо Магдинчев. Останува да се види кои ќе им прават друштво на одамна капарените Русинки. Жито Прилеп е пред големи предизвици на четири фронта. Покрај Регионалната лига, тука е плеј – офот од домашното првенство и купот. Амбиции за што поуспешен настап се најавени и во европскиот куп на ЕХФ.

Џорџ сака трофеј

Куп финалето, иако загубено од Металург (32-16), е успех за клубот кој постои само три години. Но, спонзорот Џорџ Атанасоски не признава ништо под првото место. Мораме само напред. В година одиме на титула. Со засилувањата ќе се покажеме таму каде најмногу треба, во Европа – рече Џорџ. Атанасоски финалето го следеше во друштво на спонзорот од Металург, Минчо Јорданов и легендарниот тренер, Хрватот Лино Червар.

В сабота со Гевгелија

Продолжува првенството, а в сабота (14 ч.) Ж. Прилеп дома игра со петтата Гевгелија. Се очекува сигурна игра и победа. Нема попуштање за уште три победи до крајот на сезоната. Следи гостување во Кичево и последната дома со Вардар. На табелата Металург има 72, Ж. Прилеп 66, а Вардар 43 бода.

Loading