ГРАФИКИ ОД ДИЈАНА ТОМИЌ – РАДЕВСКА

Во ЦК”Марко Цепенков”

ГРАФИКИ ОД ДИЈАНА ТОМИЌ – РАДЕВСКА

“Седум смртни гревови” е тематската изложба на десетина графики од Дијана Томиќ- Радевска, која вечерва ќе биде отворена од 20 часот во галеријата на Центарот за култура. Делата се дрворез, печатени на стандардни графички листови и на оризова хартија и на паус. Ликовниот критичар Конча Пиркоска бележи дека графиките на Томиќ Радевска се восприемаат како своевидно исповедување, внатрешно духовно прочистување и почеток на естетска слобода. Мотивите се систематизирани во седум различни приказни кои варираат, од фигуративни и асоцијативни, па се до апстрактни. Циклусот е морален бревијар за потсет на напластените руинирани етички конвенции на човечкото однесување – вели Пиркоска. Дијана Томиќ- Радевска дипломирала на одделот графика на ФЛУ. Има реализирани повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во Германија, Италија, Австралија, САД. Остварила студиски престој во Графичкото студио во Дрезден. Нејзини дела се наоѓаат во Светската банка во Вашингтон, во Лондон, во Австрија, Англија, Канада. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои Златен медал и диплома од Галеријата “Модиглиани” од Милано.

Loading