КОЦКИ И ЛИПИ

Мирисот на стар Прилеп ги возбудува не само прилепчани, туку и родените, но изселени сограѓани. Кога се освежува минатото, кога се обојува “литото”, родното место, маалото, детството, младоста, корзото, родителите, роднините, пријателите, згодите и незгодите, предизвикуваат чувства на радост и носталгија. И на сограѓаните им лежи на душата стар Прилеп, особено корзото со коцка, каде напред – назад се шпацираше ноќно време во долги колони од стоковната куќа до градска кафеана. Не е многу изменет булеварот, освен со асфалтот и одземените зелени површини за сметка на паркинзите на автомобилите. Атмосферата на корзото уште буди спомени кај повозрасните, кога дофрлаа на девојките, кога ги потргнуваат за косите или се потштипнуваа. Се фрлаа ишарети, се враќаа намигнувања во страст на прилепското корзо со коцка. Исчезна климата на искрена љубов низ младоста. Остана мирисот на липите зачинет со меморија за младоста. Растат генерации, кои се вљубуваат во кафетерии, под силата на децибелите и темнината и луксевите на осветлувањата. Секоја генерација носи свој, незаборавен стил.

Loading