МЕДАЛИ ЗА МАНЏИ НА БРАЧ

Тројца прилепски готвачи се вратија со седум медали од меѓународниот гастрономски натпревар “Бисер на морето 2011” на островот Брач во Хрватска. Едно злато и по три сребра и бронзи добија готвачите Стевче Стеваноски, Зоран Карапеев и Александар Николоски за вештото готвење специјалитети. На Стеваноски не му беа рамни 80 колеги. Тој покажа мајсторство во подготовката на риба и заслужи златен медал. Со сребро беше оценета подготовката на Зоран Карапеев во категоријата национална кујна. Нему му асистираа прилепчаните Борче Цветаноски и Христијан Ристески, кои се ученици во угостителското училиште во Крушево. Карапеев доби бронза за подготовка на вкусна риба. Стеваноски покажа умештво во вегетаријанската храна, за што жирито оцени дека заслужува трето место. Уште две бронзи стасаа во рацете на Александар Николоски во категориите риба и вегетеријанско јадење. Прилепските готвачи беа помогнати од ресторанот Ескалибур. На “софрата се биеше мегдан” меѓу 350 готвачи од 18 земји, меѓу кои од Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Словенија, Русија, Чешка, Романија Полска, Украина, Молдавија, Турција и други. Искусниот готвач Зоран Крстески беше дел од 40-членото жири во областа на гастрономијата. Од 2009 година во Прилеп постои здружението на готвачи Гастроном со дваесетина членови, кои го промовираат и унапредуваат кулинарството преку различни манифестации.

Loading