СТАР ТАБИЕТ ВО НОВ ИЗГЛЕД

Велат, волкот го менува влакното, ама табиетот – никако. Така и градот – постојано го менува изгледот. Како сега, така и пред четириесетина години. Се нешто се гради, доградува, реновира, променува… Некој негов жител кој се отселил, не би го препознал кога пак би се вратил на родната грутка по подолго време. Кај што оставил два – три тревници и куќарки со скелиња од тутун, ќе најде мермерни плочници и Домот на културата како се издига кон небото. А градот, се некако “тера” во височина. Паркиралиштата станаа катни гаражи, офицерските домови модерни општински згради. Како што велиме за децата, “се извиши”. Не е само колку да се биде модерен. Демек, белило црвило – ергенско слепило. Не се гради да се сокрие дека чаршискиот, мајтапчиски дух веќе го нема. Напротив, дури и цел да го наредат со облакодери – пак и во нив ќе има комшии што се караат и си помагаат, развикани пазарџии, сеирџии кои постојано гледаат и подбуцнуваат закачки по кафеаните… Табиетот, генот, традицијата, духот тешко се менуваат. Нема да го сменат ниту градбите од пред 40 години. Филозофски кажано, тој се менува за да остане ист.

Loading