ДЕТСКА ЕВРОПСКА МОДА, СКРОЕНА ВО ПРИЛЕП

Модна ревија од колекцијата за деца Тила на прилепската конфекција Хатрафешн ги “запали” битолчани. И млади, и стари ја наполнија салата од Домот на културата да ги откријат тајните на најновите модни трендови кои ги “тресат” децата, а се креација на дизајнерите на прилепската компанија. Точно 35 деца од две до 12 години продефилираа неколкупати во речиси двочасовната ревија во моделите од колекцијата пролет и лето на Хатрафешн наречена Тила. На многумина од родителите им застана здивот и веднаш ги побараа флаерите да пронајдат каде може да се упатат да ја купат колекцијата Тила. И децата го дадоа придонесот за импресивната лента каде чекореа во ритам на музиката. Иако мали, сепак се покажаа на висина на задачата. Ги анимираа возрасните, им предизвикаа воздишки и постојано беа наградувани со аплаузи, не само за нивниот “професионален” чекор на патеката, туку и поради атрактивните стилови на моделите за претстојните сезони, изработени, главно од природни материјали.

Loading