Вечерва во театар
“Мангите пијат чај” од Драгослав Михаиловиќ, во режија на Коле Ангеловски, е новата претстава која театарот ќе ја прикаже вечерва од 19.30 часот. Режисерот се погрижи и за преводот и адаптацијата на текстот. “Мангите…” се играл пред 30 години. Ова ќе биде римејк. Иницијативата за повторното поставување била од театарот. Раководството сакаше бек ап, повторување во друго видување. Најдовме заеднички јазик со интересна идеја. Текстот е од времето на поранешна Југославија. Зборува за луѓе со проблеми со Инфорбирото. И сега е интересен. Го поделив на три чина да се игра во различни периоди. Првиот се настани од 60-те години, вториот по 80, а третиот сега. Темите не се менуваат, ниту пак случките. Приказната се случува во кафеанче на железничката станица “Дупка”, каде се собираат манги, луѓе, пропаднати во општеството и со испреплетени судбини. Текстот е одличен, за секој актер. Има многу хумор. Се обидов да направам духовити и смешни пасажи. Мангите се околу, секојдневно ги среќаваме. Предизвик е што по неколку зафати со екипна енергија, доаѓа претстава со индивидуални улоги и креации. Секој да покаже колку може, а сето спакувано во целина – вели Ангеловски. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, музиката на Томе Темелкоски. Играат Андон Јованоски, Зоран Иваноски, Владимир Ѓорѓијоски, Димко Вандески, Милан Секулоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Најдо Тодески, Игор Трпче, Благоја Сприкоски – Џумерко, Трајче Иваноски, Наташа Наумоска, Марјан Чакмакоски, Виолета Чакарова, Илија Волчески и Надица Ѓорѓиеска.