ПОБЕДАТА ОТВОРА ПАТ ЗА ПРВА ЛИГА

Фудбал: В недела големо дерби, 11 Октомври – Тиквеш

Домашните најавуваат атак од прва минута

В недела (16 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” е големото второлигашко дерби, 11 Октомври – Тиквеш. Пресметката меѓу вториот и третиот на табелата одлучува за пласманот во Првата лига. Домашните имаат предност од четири бода и со победа го отвораат патот кон највисокиот ранг. Сработеното вреди ако ги земеме трите бода. Нема алтернатива, освен победа. Судбината ја кроиме сами. Комплетни и максимум подготвени можеме до поволен епилог – вели Николче Здравески, тренерот на 11 Октомври. По убедливиот триумф кај Еуромилк во Скопје со 0-2 формата се одржуваше три недели низ тренинзи и контроли. Вербата е во гранитната одбрана, но вниманието секогаш е свртено кон нападот. Екипата знае само за офанзивна игра со многу шанси. Потребна е само реализација. Напаѓаме од сите страни. На гости или дома, сеедно со кој ривал, целта е само победа – истакнува бекот Благојче Рутески. Средниот ред е со младите Петрески и Игор Мирчески, плус искусните Мегленски, Ацески и Кулески. Топката кога е кај нив е “паметна”, не скита, туку со смислени акции се пренесува до ривалскиот гол. Поддржани од навивачите никој нема шанса да не сопре. Тиквеш е добар тим, со ланскиот соиграч од Победа, Милован Петровиќ и Минас Османи, но недоволно да куртули од пораз. Победуваме сигурно – оптимист е Новче Ацески.

Истрчуваат најдобрите постави

11 Октомври: Коруновски – Димитриоски, Данилов, Ф. Мирчески, Рутески – Петрески, Мегленски, Ацески, И. Мирчески – Мојсовски, Гешоски. Тиквеш: Ефремов – Вареловски, Лазарев, Димов, Темов – Османи, Петковски, Стојановски, Петровиќ – Ранготов, Костадиновски.

Шалев: Доаѓаме по три бода!

Техничкиот директор на Тиквеш, поранешен играч на Победа, Тони Шалев, е среќен што гостува на познат терен и пред најфудбалската публика. Најавува отворени амбиции. Нема да калкулираме, сите кредити ги потрошивме. Доаѓаме по три бода – категоричен е Шалев. Очекувањата се да се искористи предноста на својот терен. Навивачите, во рекорден број на двете трибини, треба да ги зарадуваме со добра игра и резултат. Трите бода се исчекор кон првата лига – порачува Сашо Иваноски, претседател на 11 Октомври.

Награда за најсреќен гледач

ФК 11 Октомври обезбеди награда за најсреќен гледач кој ќе присуствува на дербито со Тиквеш. Се уште не се открива каков е подарокот, само се знае дека ќе биде од производите на спонзорите. Најсреќниот ќе биде одбран на една од трибините преку фотографија, што ќе се објави во наредниот број на “Зенит”.

Loading