СИЛИТЕ ЧУВАНИ ЗА КУПОТ

Ракомет: Жито Прилеп по загубеното дерби со Металург

Убаво е да се победи кога е најпотребно

По загубата дома на Жито Прилеп на дербито од Металург (19-32), оценка е дека шампионот е ниво повисоко со играта и со број на квалитетни првотимки. Во нападот се делува збунувачки, без идеја, а противникот возвраќа со контри. Составот на Жито Прилеп мора да се надградува според амбициите, ако сакаме титула и учество во посилниот ЕХФ куп. Затоа в лето се очекуваат странски засилувања. Жито Прилеп е разочаран од последниот неуспех, но нема време за жалење. Претстојат пет меча за победи во првенството и крај на најуспешната сезона во историјата на женскиот ракомет. Успех е второто место со три пораза и шест бода зад шампионот. Втората голема шанса е Купот. На ред се осмина и четвртфиналето во Пехчево. Прв ривал е домаќинот, втор Гевгелија или младинскиот погон на Металург. Извесно е полуфиналето, завршницата за која конкурира арената “Сонце”. Со поддршка на навивачите, можен е втор подвиг за освојување на пехарот. Силите и адутите како да се чувани. Најубаво е да се победи кога е најпотребно, во борба за трофејот против Металург.

Утре во Струга

Утре е гостувањето кај последниот ФОН во Струга. Се очекува сигурна победа над младиот состав. Ако се обезбеди недостижна предност, и најмладите првотимки ќе добијат шанса. На табелата Металург има 66, Жито Прилеп 60, а Ѓ. Петров и Вардар по 34 бода.

Loading