ПЕТ ЕВРА ЗА КВАДРАТ СТОПАНСКИ ДВОР

Стопанствениците позитивно го оценија намалувањето на цената за трансформацијата на земјиштето на пет, односно на седум евра за метар квадратен. Сметаат дека конечно се слушнал гласот на бизнис секторот, со што се создава амбиент за менување на статусот на земјиштето од кориснички во сопственички. Симон Наумоски, претседателот на Регионалната стопанска комора на Прилеп и претседател на управниот одбор на Витаминка, оцени дека со намалување на вредноста од 25, па 15 евра, и сега на пет евра, се создава клима за отворање на процесот за трансформација. Во целост е прифатен предлогот на Регионалната стопанска комора од 2008 година. Тоа ќе овозможи да се легализира земјиштето и стопанството се растоварува со огромна разлика финансиски средства. Ќе се почувствуваат позитивни реперкусии и во тековното работење, а и во развојот – вели Наумоски. Добредојдена е владината одлука и за Мермерскиот комбинат, зашто ќе се регулира сопственоста на земјиштето. Полесно ќе се пристапува до кредити со обезбедени хипотеки. Побезбедно е и за потенцијалните инвеститори, кога влегуваат на регулирано земјиште – вели Горан Попоски, директор на Мермерскиот комбинат. Владата донесе уредба со која утврди дека во Прилеп, трансформацијата на земјиштето на стопанските субјекти, може да се изврши за пет евра за метар квадратен или за седум евра, ако се плаќа на рати следните десет години.

Loading