ЗАСЕНЕТА БАЛКАНСКАТА ГАСТРОНИМСКА ЕЛИТА ВО БУДВА

Гастрономски умештва за лижење на прстите демонстрираа четворицата членови на прилепското здружение на готвачи Гастроном на меѓународното првенство на готвачи во Будва, во Црна Гора. И во поединечна, и во екипна конкуренција, “марковите” готвачи ги фрлија во сенка познатите колеги од реномирани ресторани и стасаа до признанија. Не готвеа ниту “ширден” или “турли тава”, туку водеа “битка” во категоријата интернационални јадења. Стевче Стеваноски предизвика вкусни чувства со подготвената ролована риба ципура. Жирито не можеше да “замиже” и го награди мајсторството со трето место и бронзена плакета. Екипата готвачи од Прилеп во состав Стевче Стеваноски, Александар Николоски, Зоран Крстески и Зоран Карапеев ги потврди вештините во подготовката на риба, во таканаречената категорија ладен тањир за осум лица. Комисијата за вреднување вкус и за аранжирање остана без здив. Нивното заедничко “уметничко дело” го рангира на третата позиција и го пореди меѓу оние за признанија. На првенството во Будва, покрај нашата екипа, единствена од земјава, учествувале триесетина готвачи од Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Азербеџан, и од домаќините, Црна Гора. Стеваноски вели дека здружението со 25 члена располага со гастромонски стручанци, кои ги верификуваат знаењата на разни готвачки натпревари. Следната контрола и тренинг на нивото на квалитет е на европското првенство. Интернационален готварски мегдан ќе се “бие” во Хрватска, на островот Брач, во местото Супетар во средината на април. Таму ќе се “тркаа” со стотина готвачи од цела Европа.

Loading