ЗАГРЕВА АТМОСФЕРАТА ЗА ТИКВЕШ

Фудбал: Сите погледи на 11 Октомври кон дербито

Дуелот со кавадарчани на 17 април одлучува за прва лига

Три недели е пауза во втората фудбалска лига, но во 11 Октомври нема одмор. Нема застој. Тренерот Николче Здравески смета на сите првотимци. Се врати Филип Мирчески по чистењето на картоните. Од понеделник се приклучуваат аматерските репрезентативци Димитриоски и Мојсовски. Расположението е на посакувано ниво, после убедливиот триумф на гости кај Еуромилк со 0-2. Играта веќе е ефекасна со реализација на шансите. Со нетрпение се чека дербито. Се очекува победа над кавадарчани – вели Здравески. Се загрева атмосферата за пресметка, одлучувачка за пласман во највисокиот ранг. Тиквеш е познато име, поранешен прволигаш, а 11 Октомври со прволигашки тим. Адут е одбраната, водена од голманот Коруновски, стоперите Ф. Мирчески, Иваноски и Данилов, бековите Димитриоски и Рутески, средниот ред со Мегленски, Ацески, Петрески, И. Мирчески, Кулески. Вниманието е свртено кон нападот со Гешоски, Мојсовски и Димитровски. Потребни се голови. Напаѓаме од сите страни. На гости или дома, сеедно со кој ривал, целта е само победа. Даваме сé од себе – истакнува Благојче Рутески. Оптимизам има и кај играчите, тренерите и управата. Веруваат во сигурен триумф. Есеноска беше 0-0 во Кавадарци, а сега шансата е за три бода. Очекувањата се за рекордна посета од над три илјади гледачи. Се отвораат вратите за бројните симпатизери на двете трибини. Со навивачка поддршка од цел стадион полесно се победува Тиквеш – подвлекува Сашо Иваноски, претседателот на 11 Октомври.

В недела со Миравци

Паузата се пополнува со пријателски мечеви. В недела (15, 30 ч.) на израмнетиот терен од стадионот “Гоце Делчев” е тестот со Миравци. Дуелот е генерална проба пред дербито со Тиквеш и навивачите можат да видат каква игра се подготвува по седум дена. Претходно се одигра тренинг натпревар со младинската екипа.

Добри партии на надежите

Младите категории на 11 Октомври се пробија меѓу најдобрите во земјата. Го победија Турново со 5-1 за четврто место, кадетите истиот ривал со 3-1 за шесто, а во куп – полуфинале се среќаваат со Милано. Пионерите се први во регионалната група и продолжуваат на државно ниво. Во меѓувреме стасаа покани за турнири во Хрватска, Црна Гора и Грција.

Loading