ШАМПИОНОТ ПАЃА ВТОРПАТ

Ракомет: Жито Прилеп – Металург во вторник

На дело се докажува зрелоста за трофеј

Вторник навечер (19 ч.) е големото женско ракометно дерби, меѓу вториот и првиот на табелата, Жито Прилеп – Металург, во арената “Сонце”. Домашните атакуваат на бодовно израмнување со лидерот од Скопје преку втор триумф. Првиот беше пред пет месеци со 31-28. Ривалот води во победи, а прилепчанки се борат за 2-2. Одиме на победа пред нашите навивачи, за друго не е спортски да размислуваме. Противникот го цениме. Нужна е внимателност. Нема залетување како со “грло в јаготки”. Познати се нашите и квалитетите на противникот. Нема простор за изненадувања. Бодовите се добиваат со ангажирана, одговорна игра, издржливост до крај – вели Ристо Магдинчев, тренерот на Ж. Прилеп. Шампионките на Крсто Петрушевски доаѓаат комплетни. Жито Прилеп се спротивставува со Наумоска, Ангелеска, Дурланова, Туцо, Ѓорѓиевска, Петковска, Ацковска, Аџулеска, Шалевска, Срњакова, Когој, Илиеска, Серафимовска, Гичева и Папуџиева. Со евентуална победа над најсилниот, се покажува зрелоста за прв трофеј. Во првенството е загарантирано вицешампионското место, а во купот отворени се шансите за пехарот. Претходно победена е Гевгелија 22-27, синоќа беше гостувањето кај Вардар, утре на Ѓорче Петров, а серијата се крунисува токму со највредната победа дома над Металург.

Се очекуваат 2000 гледачи

Ако со францускиот Мио имаше 1500, со Металург се очекуваат до 2000 гледачи. Неопходна е поддршката од трибините. Амбиентот е генерална проба за поголеми натпревари. Ж. Прилеп е кандидат за домаќин прво на осминафинална група, после на завршните борби од купот. Арената “Сонце” е кандидирана за два женски ракометни меѓународни самита – кадетско европско првенство 2012 и јуниорско светско 2014.

Младинките во горниот дел

Младинките   на Ж. Прилеп се во горниот дел од Супер лигата со 25 бода од 12 кола. Од четвртото гледаат шанси за второ место. Лидер е Вардар, а достижни се вториот Фон и третиот Ѓ. Петров.

Loading