Ретко семејство со четири деца
Во куќата на семејството Перканоски се слуша плач и смеа. Родителите Билјана и Игор се среќни, оти трите деца го думкаат и четвртото дете, братчето Стефан. Веќе е четири месеци. Градоначалникот Марјан Ристески им подари пригодни подароци на малиот Стефан и на братот и двете сетрички. Семјството на Билјана (33) и Игор (35) броело три деца – Мартина (12), Мартин (10) и Стефанија (8). Посакале да имаат уште една рожба. Решено, сторено. Пред четири месеци на свет дошол Стефан. Најпрво кај децата имало отпор, особено кај Мартина, но подоцна сите го засакале братчето. Никој не се дели од него и додека спие. Сите се туркаат да го држат в раце, да му ја подаваат цуцлата, да помагаат за капење и хранење. Билјана отсекогаш сакала повеќе деца. Повесела е куќата со повеќе деца. Господ дава радост. Секогаш е семејството во движење, иако не е лесно да се стокмат сите четири, да им се постави јадење, да се исперат, да се дотераат, да се суреди куќата… Понекогаш помагаат и децата, и бабите. Се стасува, ако има желба – вели Билјана. Перканоски не се жалаат, иако само Игор е вработен. Составуваат од први до први, скусувајќи од едно и додавајќи на друго. Им порачуваат на младите да раѓаат повеќе деца за повеќе радост.
Ќе се градат 80 социјални станови
Точно 80 социјални станови за млади брачни двојки со повеќе деца ќе се градат во населбата Точила во рамките на владината програма за стимулирање на наталитетот. Ова го најави градоначалникот Марјан Ристески. Со градбата на станови за млади брачни двојки со повеќе деца ќе се поттикнува наталитетот, оти евидентно е дека од година во година опаѓа бројот на новородени деца – изјави Ристески.