ПРВО ПРВА ЛИГА, ПОСЛЕ НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ

Фудбал: Владимир Мојсовски, напаѓач на 11 Октомври

Лидерот Клечкароски не го познавам – вели прилепскиот голгетер

Кога 11 Октомври дава гол на гости, сигурно победува. Одбраната е стокмена, гранитна, преостанува уште нападот. По четири “посни” кола, Гешоски проработи во Горно Лисиче. Со два гола донесе три бода со Еуромилк (0-2). Претходно, пролетва еднаш погоди Мегленски, по двапати Ацески и Димитровски, а петкратен стрелец е Мојсовски. Најдоброто гостување. Вака не сме играле. Од многу шанси, искористените две беа доволни за триумф – вели Владимир Мојсовски. Скопјанецот во редовите на 11 Октомври е во трка за најдобар голгетер на лигата. Втор е со 10 гола, четири помалку од охриѓанецот Игор Клечкароски. Најважен е влезот во првата лига. Екипата е во преден план. Не се заморувам со титулата голгетер. Лидерот Клечкароски не го познавам. Во служба сум на тимот со игра и голови – истакнува Мојсовски. Тој е интересен стрелец. Привидно го нема на теренот.При шанса, “никнува” и ја тресе мрежата. Најубав гол му е со “ножички” против Локомотива. Никој не очекуваше таков потег. Должен сум и подготвен за секаква ситуација. Има многу начини за гол – потенцира Мојсовски. Погледите се кон 17 април. По паузата е најголемото дерби дома со соседниот ривал, некогашниот прволигаш. Тиквеш. Се загрева атмосферата за пресметката пред повеќе илјади гледачи. Дома нема губење бодови. Кавадарчани ги чека пораз пред полни трибини – порачува Владимир Мојсовски. На табелата Охрид 2004 е прв со бод пред 11 Октомври и пет пред Тиквеш.

Две пријателски

Тринеделната пауза не е застој за 11 Октомври. Нормално работи професионалниот погон. Тренира, а за неделите се предвидени две пријателски.

– Задутре ќе се сретнеме со младинскиот тим, а по седум дена имаме дуел со прволигашки или второлигашки противник. Подготвени го чекаме Тиквеш – вели Николче Здравески, тренерот.

Денис и Мојсо во Словенија

Не може без играчи на 11 Октомври аматаерската селекција на Македонија. Селекторот Мите Митев смета на десниот бек, Денис Димитриоски и шпицот Владимир Мојсовски. Заминуваат на квалификации за ЕП во Словенија, каде покрај домаќинот, ривали се Турција и Израел. На претходните, есенски натпревари, во репрезентацијата уште играа Филип Мирчески и Столе Дунимаглоски.

Loading