СТИБЕРА И ТРОЈАЧКО – ПРИВЛЕЧНИ ЗА ПЛАНИНАРИТЕ

Ниту врнежливото време не ги спречи планинарите на “Јане Сандански” да ги “откирајат” ископините на античкиот локалитет Стибера кај селото Чепигово. Од малкуте археолошки зафати воочиле дека Стибера бил голем град во центарот на Пелагонија. Прошетката по историјата ја продолжиле со марш кон селото Загорани и “плакнење на очите” со убавините од манастирот Свети Никола, црквата градена од поново време, на темелите на древен антички храм. Од околината ги привлекла метеоролошката станица над селото Тополчани. Домаќините ги запознале со функцијата. Организирале заеднички ручек. Планинарскиот поход го окончале со посета на најстарите куќи во Тополчани, покриени со стари камени плочи и снабдени со вода од бунар со ѓерам. Не мируваа ниту “картушовци”. Шеесетина планинари си подарија уживање од прекрасната ранопролетна панорама на Тројачката котлина. Се движеа од Топлица кон Царевиќ, Смолани и манастирот Свети Илија во Дрен. Дел останаа “гладни” со пешачење и полни со енергија, пак се искачија и до месноста Клен. И пак слегоа на дружба со љубезните домаќини на манастирот на заедничка закуска. За в недела се токмат да го дадат својот придонес во зазеленување на Албанија со засадување дрвца во Мала Преспа, каде живеат Македонци.

Loading