ИСЧЕЗНАА “РАЦЕТЕ” ЗА ПИЕЊЕ ВОДА

Прилеп се случувало да остане без вода, ама без чешми – никогаш. Штом стегнат жештините, кај и да си – си имаш блиску по некое чешмиче. Колку душа да собериш. Меѓу сите, најпозната беше “дланките”. Ја дујдисаа пред 30 години, да го симболизира времето на доаѓањето на водите од системот Студенчица. На многумина им ги враќа спомените. Оти, некои се чекаа за на корзо кај рекламите, други кај “дланките”. Ја стокмија в центар, во близина на тогашната Пошта, а сега Комерцијална банка. Дури ја оградија со синџир, а потоа и отвораа и сечеа ленти со “историски клучеви”. Со двете шепурки, и стари и мануци можеа оденаш да гаснат жед и да си се гледаат. Долу имаше парчиња мермер, па гранитни коцки, Но и скала да се поткачуваат децата. А во зима, таман за паѓање од мразевите околу. Ама, времињата се сменија. И градот се измодери. Го промени ликот. И “рацете – дланките”, пред да заминат в пензија, станаа технолошки вишок. Во новиот градски дизајн, не се најде место за шепурки. Поставија нова фонтана на местото на демодираната. А “ветвата” чешма, прво, ја преместија кај хотел Скопје, потоа сосема ја тргнаа. Така се третираат и луѓето, па што остана за чешмите. Како порано што ги испраќале старците на планина…

Loading