ПРЕТСТАВА СО ЕКОЛОШКИ ПОРАКИ

Во недела напладне премиера на “Добриот великан”

“Добриот великан” од Красимира Методиева, во режија на Милан Секулоски е претставата за деца, што театарот премиерно ќе ја прикаже во недела на светскиот ден на театарот. Секулоски е автор на музиката, а костимите и сценографијата се на Даниела Настовска. Играат Ангела Кочоска, Бобан Алексоски, Илија Волчески, Теа Ѓорѓиоска, Александар Тодески и Милан Секулоски. Секулоски вели дека идејата се родила уште во 2009 година, во соработка со Црвениот крст, кога сакале да направат еколошка претстава. “Чичковците со пари” не спонзорираа ниту 200 евра. Немавме доволно средства. Го избрав и се вљубив во текстот. Си ветив дека ќе го реализираме. Со раководството на Центарот за култура најдовме заеднички јазик и еве ја претставата – раскажува Секулоски. Текстот на Красимира Методиева првпат ќе се игра во Македонија. Најважни се децата, од пет – шест години до 12- 13, па и на 18 години. Цел е да се допре до нив и да ги примат искрените пораки, оти претставата не е само со вообичаената морална, но и со еколошка порака. Надреалната приказна е за две дечиња кои бегаат од домот за сираци да се кријат во шума, која не е обична, туку на великаните. Другото треба да се види. Најмилите и најискрените ликови ги играат средношколци, со огромна желба и љубов – вели Секулоски.

Loading