НЕДОСТАСУВА ПОБЕДНИЧКИ МЕНТАЛИТЕТ

Ракомет: Жито Прилеп по европските настапи

Свртување кон дуелите со Металург

Жито Прилеп го поправи впечатокот на реваншот со Мио бигано, во арената “Сонце” со пораз од 19-28, двојно помал од првиот 23-41. Французинките се во полуфиналето од Челенџ купот, а нашитеим остануваат анализите. Европа е драстично различна од домашниот шампионат. Искуството е добредојдено. Видовме како се “гризе” и бори за секоја топка. Недостасува победнички менталитет. Против силните, мора да сме силни – вели Ристо Магдинчев, тренерот. Французинките брзи, воиграни и ефикасни во кус напад, нашите тешко најдуваа простор за пробив или шут. Загубените топки, ривалот ги казнуваше со брзи контри. Не сум задоволен од нападот. Нема разочарувања, туку имаме мотиви. Нема застој. Со играчкиот кадар продолжуваме до крајот на сезоната и треба да извлечеме максимум – најавува Магдинчев. Нови предизвици се двата дуела со првакот Металург. Нема што да се загуби, а може многу да се добие. Подвиг е можен. Првенствениот е по три недели дома, а и во Купот на повидок е финале. Паузата ќе ја искористиме без контролни мечеви. Отсуствуваат репрезентативките Наумоска, Ацковска и Папуџиева, а со останатите одиме според планот за посилен Ж. Прилеп – заврши Ристо Магдинчев.

Најавени нови спектакли

Завршија настапите на Жито Прилеп во Европа, но тука не престануваат квалитетните ракометни претстави. За “гладната” публиката следат примамливи мечеви, спектакли. Клубот е кандидат за организација на финалниот дел од купот. Ако РФМ има “слух”, два дена ќе има уживање, фешта со доделување на пехарот. Се чека и друга “виза”. Објектот конкурира за домаќин на група на повеќе репрезентации на мегдан со македонската за пласман понатаму на СП 2014. Шансите се реални, оти салата и инфраструктурата располагаат со услови, барани од ЕХФ. Арената и организаторите го положија тестот со Мио. Домашните губеа, а публиката скандираше. Французинките и службените лица без забелешка. Гостинките беа дочекани и испратени со аплаузи.

Засилувања в лето

Се очекува конечна разврска со потенцијалните нови, Русинките Черникова и Ринкова. Се чека изјаснување и став на матичниот клуб. Од Ж. Прилеп најавуваат побројни засилувања в лето. Тие влегуваат во планот за идната сезона, за посилниот европски ЕХФ куп.

Стартуваат пионерките

Почнува сезоната за пионерките на Ж. Прилеп. Првиот меч е в сабота (10 ч.), дома со скопски Вардар. Кадетките дополнително ќе се сретнат со ФОН во Струга. Младинките се борат за врвот, а наредниот меч е по паузата.

Loading