НАПАДОТ ГО ВРАЌА ВРВОТ

Фудбал: В недела 11 Октомври – Локомотива

Головите се дар за бројната публика

В недела (14 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” е второлигашката пресметка 11 Октомври – Локомотива. Пролетниот дел од првенството влезе во ритам, претстојат подобри изданија. Прилепскиот тим е нов лидер на табелата. Тешко е искачувањето, уште потешко задржувањето на врвот. Тука се гледа квалитетот. Најдобри сме и тоа треба да го покажеме – вели Николче Здравески, тренерот. Ветуваа триумфот 5-1 над Цементарница. Се изредија шанси, стативи, пречки, голови. Возбудувањата ги бара бројната публика, а најмногу се цени нападот со сите сили. Нема друга филозофија, туку само напред. Од прва минута тргнуваме кон противничкиот гол. Есеноска имавме најдобра одбрана, пролетва и најефикасен напад. Ривалите нема да ги оставиме без повеќе голови – порачува Влатко Петрески од средниот ред. Нападот го брани врвот од табелата. Топката е далеку од голманот Коруновски, одбраната спокојна со Данилов, Ф. Мирчески, Димитриоски и Рутески, а комбинациите течно се градат со Мегленски, Кулески, Дунимаглоски, И. Мирчески и Ацески. Во завршницата најопасни се Мојсовски, Димитровски и Гешоски. Одиме кон прва лига. “Газиме” сé пред себе. Расположени сме за голови. Ќе има повеќе “дарови” за поддршката на бројната публика – вели голгетерот Владимир Мојсовски.

Кадетите против Хрвати и Срби

Денеска стартува турнирот во Сараево, Б и Х, а кадетите на 11 Октомври се во групата со хрватските Виноградар, ГОШК и српската Шумадија. Еден меч е попладнево, два утре. Само првото место води до полуфиналето и финалето в недела. Со екипата се координаторот Тони Наумоски и членот на управата, Пеце Ристески. Учествуваат 16 тима од Б и Х, Србија, Хрватска, Словенија, а 11 Октомври е единствениот од Македонија.

Loading