АКУМУЛАЦИЈА НА МЕЃУНАРОДНОТО ИСКУСТВО

Ракомет: Жито Прилеп гостува во Франција

Домашниот Мио бигано е фаворит, наше е да дадеме максимум – порачува тренерот Магдинчев

Жито Прилеп в недела (16 ч.) е на мегдан со францускиот Мио бигано, во четвртфиналето од купот Челенџ. Нема бегање од вистината дека домаќинот е голем фаворит, но натпреварот е можност за акумулација на искуство за составот на Ристо Магдинчев, долги години стратег на Париз сен Жермен. Не се оптоваруваме со резултатот. Да дадеме максимум – вели тренерот Магдинчев. Добиени се снимки од мечевите на Мио бигано со српската Јагодина. Французинките загубија во Светозарево 31-28, а победија во Бордо со 35-30. Имаат шест засилувања од странство: од Бразил, Полска, Словачка, Литванија, Австрија и Тунис. Добив информации од Франција. Имам слика за добрите и лошите страни. Ќе им парираме што повеќе – истакнува Магдинчев. Во меѓувреме добиени се првенствените мечеви дома со ФОН (32-14) и Леов ( 31 – 26 ). Младите добиваа шанса, се истакна голманката Дурланова. Првата постава одмараше, повредените заздравуваа. Пивотите Илиеска и Серафимовска имаа болки во рамената. Се надевам дека до недела ќе бидат в ред. Комплетни можеме повеќе – заврши Магдинчев.

Со авион и воз до Бордо

Од Жито Прилеп се 20 патници. Покрај ракометарки, тука се и стручниот штаб и управата. Утре е летот со авион од Скопје до Париз, после со воз до Бордо. Патувањето не е долго и исцрпувачко како лани кога четири – пет дена се патуваше со автобус до Португалија. Утре попладнето планиран е тренинг.

Французите гледаат за 12 евра

Мечот Мио бигано – Жито Прилеп во салата “Ле тести де Буч”, домашните навивачи ќе можат да го гледаат за билет од по 12 евра. За младите до 15 години влезот е поефтин – 10 евра. Тие со членски книшки плаќаат по половина сума. Се очекуваат полни трибини. Во Мио Бигано се посветени на претстојниот меч. Тимот, во саботата, победи дома во првенството со 30-27 и е со амбиции да оди погоре од петтото место. Се најавува беспрекорна организација на неделниот натпревар. На Французите не им пречат ниту амблемот со сонцето, ниту името на земјава. Со големи букви пишува Жито Прилеп од Македонија. Дуелот ќе го водат судијки од Полска, а делегатот е од Португалија. Реваншот е седум дена подоцна во Спортска арена “Сонце”.

Loading