11 ОКТОМВРИ ВРАЌА ДОЛГ НА МИРАВЦИ

Фудбал: Стартува втората лига

В недела е залетот за Прва лига

В недела (14 ч.) е пролетниот старт во Втората лига, а третиот 11 Октомври му гостува на четвртиот Миравци. Уште е во свежо сеќавање есенскиот пораз дома од 0-2. Време е да се врати со иста мерка. Според прволигашките амбиции, залетот се зема од почеток. Одиме на триумф. Пролетва мораме што поскоро на врвот. Како што нé победија пред шест месеци, така им враќаме – велат во 11 Октомври. Оптимизмот се должи на квалитетот и сто отсто реализираниот план на подготовките. На седумте контролни средби се бараше составот. На голот е Коруновски или Кебакоски, во одбраната Филип Мирчески, Данилов, Димитриоски и Рутески, во средината капитенот Кулески, Мегленски, Дунимаглоски, Игор Мирчески, Гешоски, Мојсовски, Димитровски… Може да се смета на заздравените Ацески и Петрески. Посебно се очекува од нападот. Одбраната се покажа есеноска, сега на ред се голгетерите. Цела зима се работеше на ефикасноста, реализацијата на шансите. Нишаните ги наместивме. Свртуваме нова страница со повеќе голови во противничките мрежи, како што личи на иден прволигаш – истакнуваат од 11 Октомври. Тренерот Николче Здравески смета на сите првотимци за неделното гостување кај Миравци.

Игра за градот и спонзорот

Од професионалниот погон на 11 Октомври со право очекува доминација пролетва на сите второлигашки стадиони. Фудбалерите се обврзани на добра игра и резултати за поддршката од градот и спонзорот Витаминка. Јавноста веќе го прогласи фаворит, а 11 Октомври треба да го заземе местото кое му припаѓа, во елитното друштво. Од есен по една година чекање, да добие прволигаш најфудбалскиот град, Прилеп.

Loading