ЖИТО ПРИЛЕП СО СКРИЕНИ АДУТИ

Ракомет: В недела борба за титула со Металург

Шансата е тука да се искористи – вели тренерот Магдинчев

В недела (17 ч.) во салата “Автокоманда” во Скопје, е големото женско ракометно суперлигашко дерби, Металург – Жито Прилеп. Првпат во историјата тим од внатрешноста претендира на трофејот. Бодовите се израмнети (42) и ако гостинките извадат барем реми, пехарот се сели кај нив, со оглед на предноста во последниот, четврти меѓусебен меч, дома. Подготвени сме за дербито. Шансата треба да се искористи – вели Ристо Магдинчев, тренерот на Жито Прилеп. Домашните се надеваат на квалитетите од голманките Андрејева и Наковска, Митревска, Ана и Зорица Деспотовска, Гроздановска, Душица и Елена Ѓорѓиевска, Новеска, Мечевска, Младеновска, а голгетерката Бајрамоска е повредена. Се знаат добрите и лошите страни на ривалот. Имаме слика. Анализиравме. Готови сме за мегдан – истакнува стратегот. Жито Прилеп се спротивставува со искусната на голот Ангелеска, која се разбрани претходниот меч со Ѓ. Петров, репрезентативката Наумоска, потоа Ацковска, Ѓорѓиевска, Петковска, Аџулеска, Шалевска, Срњакова, Когој, Илиеска, Серафимовска, Папуџиева, Гичева, Туцо. Во тимот има скриени адути. Екипата е со поголем фонд играчи од есента. Очекувам да дадеме максимум на најзначајниот меч – потенцира Магдинчев. Во сеќавање е претходниот меч од 6 ноември, кога Жито Прилеп победи со 31-28. Јавноста е воздржана од прогнози. Со фер судење, еднакви се шансите и на гостинските ракометарки. Ја постигнаа целта – второто место и нема што да загубат, туку да пробаат скок до врвот. Можевме пред три месеци, можеме и сега – порачуваат првотимките на Ж. Прилеп.

“ВИЗА” ЗА ЧЕРНИКОВА

Русинката од Звезда Звенигород, Софија Черникова (19 години/182 сантиметри) е идното засилување за Жито Прилеп. По седумдневните тестови, нејзините валитети на бековска позиција се оценети како доволни од страна на тренерот Ристо Магдинчев и отпочнат е процесот за трансферот, додека нејзината клупска другарка, Ксенија Ринкова е на дополнителна проверка. Штом пристигне сертификатот, ја регистрираме. Се трудиме да има право на 12 март против францускиот Мио – информираат од Ж. Прилеп.

ОПТИМИЗАМ И КАЈ УПРАВАТА

Не само кај ракометарките и тренерот, оптимизам “врие” и во управата на ЖРК Жито Прилеп. Сите веруваат во триумф во Франција против Мио Бигано во второто коло од Челинџ купот на 13 март. Приврзаноста се истакнува со редовни присуства на тренинзи и мечеви. Претседателот Оливер Деркоски, директорот Горан Јанков, секретарот Дарко Димовски, потпретседателот Звонко Јанков навиваат во опрема и шалови во боите на Жито Прилеп. Милина е да го гледаме тимот, секогаш борбен во жолти или црвени дресови. Веруваме во девојките – велат од управата. Контактите продолжуваат со спонзорот од САД, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Тој ја истакнаа амбицијата не само за третото или второо место, туку за првото. Зошто спомнуваме само второ место. Можеме до титула – зборуваше Атанасоски. Ракометарките ја ценат посветеноста на раководството и затоа ќе дадат 100 отсто од силите за успех на Жито Прилеп.

Loading