СЕДУМ ТЕСТА ВОДАТ КОН ПРВАТА ЛИГА

Фудбал: Второлигашот 11 Октомври финишира со подготовките

Со нетрпение се чека стартот на 6 март

Финишираат подготовките на второлигашот 11 Октомври. Повеќе од месец напорни тренинзи низ терените низ градов. Седумте пријателски се доволни за воигрување за едната цел – Прва лига. Сите фудбалери добија шанса. Појасен е квалитетот на секој поединец – велат од клубот. Тренерите Николче Здравески, Рубин Трајкоски и Круме Митрикески даваа задачи, а првотимците ги извршуваа. Дисциплината е на највисоко ниво. Професионализмот не дозволува поинаку. Само тој е патот – сметаат во клубот. Конкуренцијата е голема. Кај голманите. Кандидати се Коруновски и Кебакоски, понатаму Ф. Мирчески, Данилов, Димитриоски, Рутески, Кулески, Мегленски, Дунимаглоски, И. Мирчески, Гешоски, Мојсовски, Димитровски… Ацески заздраве, на пат е Петрески. Сите се потребни. Како едно сложно семејство, ќе успееме – порачуваат од 11 Октомври. Се одиграа силни контролни мечеви со Пелистер двапати (1-2 и 0-1), со Напредок (0-1), Тиквеш (1-0), Еуромилк (1-1), Новаци 0-0, Брегалница (2-2). Резултатите се добри, а играта е поважна. Недостатоците ги елиминираме. Треба да сме подобри пролетва од есеноска во битката за првото или второто место на табелата – подвлекуваат во 11 Октомври. Првиот нареден меч е за бодови, на 6 март кај Миравци.

МОЈСОВСКИ: ПЛАНОТ Е ПОВЕЌЕ ГОЛОВИ!

Скопјанецот Владимир Мојсовски е меѓу кандидатите за нападот. Задоволен е од подготовките. Типува на бериќетна пролет. Нема да промашуваме. Натокмени се нишаните за повеќе голови во противничките мрежи – вели Мојсовски.

Loading