11 ОКТОМВРИ Е САМИОТ ФАКТОР, НЕ РИВАЛИТЕ

Фудбал: Контролите потврда за квалитетот

Судбината ја имаме в раце и нема да ја испуштиме – порачува претседателот Иваноски 

 

Цел месец траат подготовките на второлигашот 11 Октомври. Стручниот штаб е задоволен. Со погодни услови, вложениот труд дава резултат. Со професионален третман, не изостанува успехот. Видливо е залагањето, дисциплината… Оценката засега е позитивна – вели Сашо Иваноски, претседателот на 11 Октомври. Клубот е работен колектив. Секој ден се исполнуваат обврски. Во првата фаза се истрчаа многу километри, во втората се воигруваат варијанти. Се внимава на ефикасноста. Низ пријателските мечеви се гледа дека има подобрување. Сите добиваат шанса. Се наметнуваат младите, иднината на клубот – смета Иваноски. Поентата е јасна – Прва лига. Само тоа е успех. Ништо друго не се признава. Ќе се постигне целта со поддршката од Витаминка, од градот и навивачите. Конкурентите колку и да се силат, фактор број 1 е 11 Октомври. Слушаме за новините во Охрид и Тиквеш, но фокусирани сме првенствено на нашата работа. Вложуваме максимум да го покажеме целиот потенцијал. Никој нема да нé сопре. Со прволигашки погон, судбината ја имаме в раце и не ја испуштаме – заврши Сашо Иваноски. На контролниот меч во Штип со Брегалница исходот е реми (2-2) со головите на И. Мирчески и Гиноски, а на гости кај Новаци ( 0 – 0 ). Утре е тест со Напредок во Кичево, в среда со Еуромилк во Скопје.

Враќање на Ацески и Петрески

Повредите на Новче Ацески и Влатко Петрески не се “страшни”. Лекарите предвидоа брзо опоравување. Првиот се врати на тренинзите и е подготвен за следниот тест. Вториот работи индивидуално. Конкуренцијата е бројна. Тренерот Николче Здравески смета на 31 првотимец.

Loading