Арена “СОНЦЕ” СЕ ПОЛНИ СО Ѓ. ПЕТРОВ

Ракомет: Жито Прилеп в сабота (19 ч.) со звучен ривал

Дуелот претходи на дербито за титулата кај Металург

Жито Прилеп утревечер (19 ч.), во арена “Сонце” го има пролетниот првенствен старт против звучниот ривал, Ѓ. Петров. Дуелот со нетрпение се очекуваше со месеци, така извесно е дека ќе се наполнат трибините од разубавениот објект. Навивачите нудат поддршка, а тимот возвраќа со добра игра. Стоотсто се посветуваме на овој меч. Бодовите се планирани и ги освојуваме. Инсистирам на дисциплинирана игра до крај, да ја оправдаме фаворитската улога – вели Ристо Магдинчев, тренерот. Домашните ракометарки инспирирани од амбиентот сигурно ќе дадат се од себе да се прикажат во убаво издание. Ривалот е познат. Иако послабопласиран, не е за потценување. Само со ангажиран пристап се доѓа до целта. Жито Прилеп е големо име и сите “гризат” против нас. Не смееме лабаво. Воигрувавме некои варијанти и треба да ги спроведеме – истакнува Магдинчев. Формата се темпираше низ пријателските. По првите порази од Јагодина и Врњачка Бања, следеа победи над нишка Наиса, Вардар и Леов бартек. На голот е одличната Наумоска, надополнета со искусната Ангелеска, бекови Ацковска, Когој, Петковска, Гичева, Шалевска и Петлеска, пивоти Серафимовска, Туцо и новата Илиеска, крила Папуџиева, Срњакова, Ѓорѓиевска и Аџулеска. Тимот е рамо до рамо со првакот Металург. Одиме со ред, без прескокнување. Со Металург војуваме за титулата идната недела, а сега размислуваме само за Ѓорче Петров – нагласува Магдинчев.

Уживање за гледачите

Гичева шутира “опасно по живот”

Ж. Прилеп игра цврсто во одбрана, а кога топката минува крај блокот се испречуваат рацете на голманката Наумоска. Следи брза контра со Срњакова или Папуџиева и – гол. Во позиционен напад се истакнуваат со скок Шалевска, Петковска, со пробив Ацковска, а специфичен е ударот на Гичева од место секавично под пречка. Публиката коментира “шутеви опасни по живот”.

Русинките на тест

Дојдоа Русинките од Звезда Звенигород, Софија Черникова и Ксенија Ринкова. Се приклучија на тренинзите. Работат индивидуано и тимски. На проба се и чекаат оценка од тренерот.

– Прекрасно сме примени. Знаевме за Македонија, Кометал, .Металург, сега и за Жито Прилеп. Предизвик е да се избориме за влез во екипата – рекоа Русинките.

Loading