ИГРАМ СО ГОРДОСТ

Петар Горко, актер во претставата “Антица”

Петар Горко е актер во Битолскиот театар. Иако има одиграно бројни улоги на матичната сцена, првпат гостува во друг театар, во прилепскиот. Игра една од улогите во претставата “Антица” на режисерот Бранко Брезовец.

За гостувањето?

По 19 години професионална работа во Битола, првпат, по случај на околности, заради болест на еден од колегите, ме повикаа да гостувам во “Антица”. Прифатив заради долгогодишната соработка со Брезовец и со Нечак. Инаку, би ми било потешко. За три дена пред премиерата успеав да влезам во штос. Веќе 11 години соработувме и доволно се познаваме да си веруваме. Прилепскиот театар, како и секој во земјата, го сакам. Не постојат поделби. Сите се македонски, а ние македонски глумци. Првото гостување ми предизвика среќа, промена на средина, контакти со веќе познати и помалку познати колеги со кои направивме прекрасна претстава. Се надевам дека се вклопив добро. Тоа í даде на претставата полн белег, учествувајќи со сето мое срце.

За претставата?

Многу ми се допаѓаат принципите на Бреза. Тој е предизвик. Направи многу убава претстава, искористувајќи го до максимум новиот и веќе докажаниот потенцијал на прилепскиот театар. Претставата им се допадна на неколкумина селектори. Очекуваме уште. Оттука надежта дека и ќе се игра на некој фестивал. Тоа возбудува уште повеќе.

Како се себеоценувате за придонесот во спектаклот?

Влегов подоцна, но, со моето искуство, дадов голем придонес за грандиозниот уметнички чин. Секогаш играм со радост и ја чекам следната претстава. А тоа доволно зборува, нели?

Колку и дали “легна” улогата?

Улогата, на ликот кој е измислен (го нема во текстот Антица, таткото, а потоа кумот на Антица), е суптилен, во еден сосема друг свет, за кој никој, ние, доволно не знаеме на овој свет. Затоа може да биде најразлично толкувањето. Четири чина, во секој различна задача. Тоа е предизвик и уживање. Кога би избирал, како за прво гостување, би сакал поголем лик. Сега не е важно. Битно е да се игра и да се биде дел од убави претстави кај и да си во земјава. Тоа што го научив од Бреза, го споделувам.

Тешко ли е да се глуми и да се пее на сцена?

Секако дека е. Не сме професионални пејачи. Тешко е, но тоа е слатка мака, со оглед на тоа дека овие не се поп хитови, туку песни кои ги оцртуваат емоциите на ликот, сцената. Концепцијата на режисерот е малку поинаку. Сигурноста и заедничката енергија на сите во претставата само го зголемуваат чувството за моќта на нашата уметност. Реакцијата на публиката доволно кажува. Секогаш сме испратени со овации.

За соработката со Брезовец?

Имавме повеќе заеднички проекти. Последниот беше грандиозниот “Тито..” што ја виде Европа, а Македонија само еднаш, мојата кариера до Тито и после Тито е нов лист. Тоа е нешто внатре во мене. Брезовец, покрај режисер, е и педагог, кој, ако се следи правилно, ќе се види дека знае да лечи од сите непотребни комплекси, стравови, срамови… на сцената. Ослободеноста од сето тоа, може да донесе секогаш само плод. Му благодарам. Ова нека е совет и за помладите колеги, кои ги имаат истите емоции. Најпрво го сакаат, потоа го мразат, за, накрај, да ја увидат неговата големина и да простат сé, заради прекрасната педагошка работа, а над се уметност.

Loading