ВРЕДНИ ДЕЛА ОД РУСКИ СЛИКАРИ

Во Музејот за тутун

Во Музејот за тутун има богата збирка вредни ликовни дела од руски автори, работени во масло на платно, на картон и акварели. Александар Цветкоски, кустос во Музејот, вели дека збирката од 47 слики е значајна, бидејќи поголемиот дел се творби од ценетите руски сликари, кои стекнале светска слава. Имаме дела од Бутров, Лисичиќ, Оржановски, но најважни се сликите од Николо Славин и Константин Подушкин, благородници од близината на Москва, школувани на Петроградската ликовна академија – објаснува кустосот. Двајцата уметници дошле во Прилеп по 1929 година и се сместиле во Институтот за тутун, не претпоставувајќи дека градот ќе им остане дом 10 години. Цветкоски вели дека биле белогардејци и се издржувале од сликање уметнички дела. Тутунот им бил инспирација. Подушкин правел и макети, бидејќи му лежела скулптурата. Твореле и во скопско, малешевско, струмичко. Подушкин бил перфекционист и ги изработил најдобрите макети, кои Македонија ги поседува. Останале две, изработени од природни материјали, од отпаден картон, картонски буриња, ткаенина, самоправени лепила и гипс. Реставрирани се. Првата (Градска куќа) од макетарот Жарко Десподоски, а втората и поубавата (Селска припланинска куќа од Мариово) бравурозно и темелно од скулпторот Грабулоски – Бонач. Славин оставил голем број дела. Во Музејот има 33 – масла на платно и на картон, комбинација на туш и акварел и темпера. Стилот му е и уметнички и документаристички, со смрзнати движења на ликовите, кои оставаат место на внимателното бележење на деталите од тутунопроизводството, описот на фазите во тутунопроизводството… – раскажува Цветкоски. Двајцата уметници, кои заминале во Америка во 1939 година оставиле вредно наследство за Прилеп, кое многу малку е познато во јавноста.

Loading