ПЕЛЕНСКА ГОДИНА

Од косо видено

Во спектарот на календари се вброи и еден, своевиден, македонски календар – година со 11 месеци, плус една цела година – јануари. Тој одмина. После куса пауза, , продолжува старата година. Аргумент? Во животот сме чекале разни нешта, но секогаш доаѓале само нови, стари години. Некои дури новите години ги менуваат како малите деца пелените. Штом ќе го направат она нешто, одма бараат нова и чиста година. Таква динамика новите години не можат да следат. Затоа…

Годинава, како досега, најинтересно ќе живеат оние во стилот од денес до утре, а сите без визија, без идеали и без перспектива. И повеќе ќе нé мотивира да живееме она што го немаме отколку она што ни се нуди да го имаме. Наша животна химна ќе е “подобро е таму отколку овде и поубаво е она, отколку ова”. Нема да знаеме што сакаме и што правиме додека не згрешиме. Поправањето на грешките ќе му дава смисла на нашиот живот и работа.

Општествено-политички, годинава само ограничените луѓе ќе се стремат кон неограничена власт. Иако народна, народот ќе поплакува. Обврската ќе биде јасна. Тој ќе дава, а власта ќе зема. Опозицијата ќе е задоволна што народот е незадоволен. И…. можни се предвремени избори. Празни ветувања најлесно се лепат на празен стомак. Во замена за нив, на народот ќе му се земе волјата за живот.

Годинава, мноштвото ќе посакува да му се влее надеж. Не во главата, туку во џебот. Парите ќе останат единствен и последен повод за интересирање кон другите. Навистина, парите се отепувачка, но ете ќе има луѓе кои прифаќаат таква умирачка. Им олеснува тоа што парите се магнет за оддалечување на луѓето. Значи, добронамерните ќе си умрат без некој да жали. За на сите да не ни се случи тоа, треба парите да ги цениме толку колку што вредат. Парите се добар слуга, но лош господар.

И годинава, опседнатите со љубов, малку ќе спијат и малку ќе јадат. Па, љубовта може да стане опасна болест. Одеднаш две индивидуи да кутне во кревет. Спасот од таквата пламена љубов може да биде тоа што од неа ќе остане само куп студена пепел. Или, ќе се срасне во брак. И следува флерт, како женска јадица за сомови. Олеснет со тоа што љубовта нема да биде пречка за сексот. Нема да се бара објаснување: дали ме сакаш и дали сакаш некого повеќе од мене. Помина времето на строги морални принципи, како во шахот “такнато-макнато”. Тоа што се допира, сега не мора да се земе.

Помина јануари, а сега нема ништо да се напиеме. Трезни ни станува нејасна енигмата на среќата. Затоа, најголема среќа е да се спознае среќата. Некои не се среќни ниту кога се среќни. Па, несреќник е онај кој при среќа бара среќа. Таа ќе му се насмее, изгледа, дури кога ќе се збогува со животот.

*Пеленска=тоа, па тоа)

Марјан Спиркоски

Loading