МЕСТО СТО ИЛЈАДИ, ПЕТ ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА КОМУНАЛИИ

Инвестициони стимулации

Поголема градежна експанзија и изградба, ќе овозможат новите пакет реформски закони. За општината ова е многу важен сигнал за подобрување на условите за инвестирање во градежништвото. Со новите законски решенија се укинува одобрението за локациски услови, за двојниот надзор, плаќањето на надомест при трансформација на земјоделско земјиште во градежно. Се допрецизира постапката за пренамена на земјоделското во градежно земјиште. Се овозможи либерализација и трансформација без надомест. Драстично се зголемува одговорноста на службените лица, а се продолжува и важноста на одобрението за градење на две години. Плаќање на комуналии од само пет отсто за стопански субјекти. Тоа значи за 95 отсто ќе се намалат давачките за комуналии за стопанските субјекти – велат од општината. Градоначалникот Марјан Ристески вели дека мерките ќе влијаат врз подобрувањето на бизнис климата и забрзувањето на локалниот развој на општината. Од досегашните 21 чекор, постапката за изградба на станбени куќи ќе се намали на три, а за стопански објекти на четири. Времетраењето на чекање од сегашните 146 дена ќе се намали на 30 дена во просек, а ќе се намали и надоместокот за комуналии за изградба на стопански објекти на пет отсто од сегашната цена. После овие чекори во наредниот извештај Македонија ќе го заземе водечкото место во делот на издавање на градежни одобренија. Со реформите се предвидува и нова категоризација на градбите, согласно нивната функционалност и сложеност. Документацијата ќе се доставува на едно место, а согласностите ќе ги вадат вработените во општинската и јавната администрација. Општината и државата ќе мора да одговорат во рок од пет дена. Доколку не се одговори, ќе важи правилото – молчењето е одобрување, а мислењето ќе се смета за позитивно. Така ќе се зголеми и ефикасноста на администрација и ќе се намалат можностите за манипулација со странките – посочува Ристески. Практично, стопанствениците при градба на објект, ако треба да платат сто илајди евра комуналии, со новите решенија ќе платат пет илјади евра, а остатокот можат да го планираат за друг дел од инвестицијата. Мерките ги поздравија стопанствениците, оти сметаат дека ќе бидат олеснување и стимулација за развој на бизнис секторот. Се носи едноставна постапка за изградба на оранжерии, фарми итн… Ќе се легализира досега нелегалното земјоделско земјиште и ќе се зголемат шансите за аплицирање до ИПАРД средствата. Мерките ќе донесат инвестиции – вели Ристо Најдоски, извршен директор на Регионалната стопанска комора. Општината планира да го донесе новиот градежен урбанистички план, кој пак ќе биде јавно презентиран пред јавноста.

Loading