ДРВЕНОТО ЛАЈЧЕ ЗА КАФЕ ОД ВАНГЕЛ

Хоби или доходовна занимација

Веќе 11 години Вангел Стојкоски секојдневно открива нова “занимација” во правењето дрвени лажици и стапчиња. Кеф му е да чепка, да се занимава, иако нема ќар од копаничарењето на буката, зелениката, смреката. Хоби му е, кое му вади по некоја пара одвреме – навреме, колку за еден ручек од еден пазар. Убаво му е да се излезе во пазарен ден, да понуди уникат. Интересни се дрвените лажички за кафе и големите за ајвар. Послатко е црпењето со нив. Така вели и сопругата. Се работат со глета, а ги финирам со сусијат. Не се лакираат. Природно е дрвото. Потемнуваат од маслото, кое се впива. Немаат галје и не се кршат – рече Вангел Стојкоски, кој порано бил работник во “Еуроинвест 11 Октомври”. Ретко прави буренца за ракија, бочви и буриња за вино, каци. Не се продаваат. Пластиката ги фрли во сенка. Интересни се и стапчињата од дрен, наместо бастуни. Не се машински, туку како што го дала природата. Ги сечам и го мазнам фино. Правам и подебели, според висината на човекот – објаснува Вангел, со потекло од селото Бонче. Стојкоски нема одредено време за создавање на “домаќинските алати”. Нема серии, туку кога ќе ги продаде, пак делка, небаре уметник.

Loading