ПОДГОТВЕНИ ЗА 60 МИНУТЕН ОТПОР ВО ГРЦИЈА

Ракомет: Утре европски Челенџ куп, Арион – Жито Прилеп

Можеме и треба да веруваме во себе – порачува тренерот Магдинчев

В сабота (14 часот) во Леково, мало градче од 1200 жители во северна Грција, се игра првиот меч од европскиот женски ракометен Челенџ куп, помеѓу домашниот Арион од Птолемаида и Жито Прилеп. Гостинскиот тим атакува на поволен резултат, кој ќе даде изгледи за реваншот по осум дена. Оптимизмот се темели врз квалитетот и трите контроли во Србија. Барам да одиграме сериозно, тактички одговорно и борбено и упорно, слично како во Ниш, кога на пријателски меч со 25-26 го победивме второпласираниот српски суперлигаш, Наиса. Веруваме во себе – порачува Ристо Магдинчев, тренер на Ж. Прилеп. Во Жито Прилеп се потенцира дека во меѓународни мечеви нема случајни победи. Европската сцена бара вложување максимум. Не треба да се дозволи домаќинот да диктира игра, туку да се наметне своја. Претстои 60 минути тешка борба. Квалитетот е на наша страна, ама натпреварот е на европска сцена, каде многу фактори можат да влијаат, домашен терен, публика, судии и слично. Инсистирам да нема миг на опуштање. Не може да успееме без борба – смета Магдинчев. Целта е пласман меѓу осумте најдобри екипи во овој куп. Голем успех е за клуб кој на 1 февруари одбележа пет години постоење. Примамливо е четвртфиналето, каде извесни се атрактивни противници од Холандија, Франција, Чешка, Србија, Италија, Швајцарија, Украина… Вреди да се прикаже игра со срце до крај. Со оглед на тоа што има и реванш, не интересира крајната цел – вкупниот исход од двата меча. Не сме оптоварени само со резултатот, туку најбитно е да се претставиме со 100 отсто можности во Грција – истакнува Ристо Магдинчев. Утре патуваат 15 ракометарки, стручниот штаб, управата, а навивачите се организираат и најверојатно околу 50 навивачи за поддршка на Жито Прилеп.

Арена Сонце тип-топ

Спортската арена “Сонце” навреме ќе биде средена за реваншот со Гркинките идната недела, на 13 февруари, во 19 часот. Салата се исчисти, вароса, паркетот е поставен, седиштата се исшприцаа и наредија, собелкувалните се реновираа со отворање трета за судии, наместени се нови голови. Записничката маса е подигната на првиот ред од трибината, над неа е место за новинари, а над голот е ВИП – ложата. Големиот семафор се поправа. Ќе биде како нов, со програма за ракомет, кошарка, одбојка и другите спортови. Објектот го дотеравме според сите спортски и безбедносни стандарди, така што мечот со Арион може да почне – порачува Рубин Седлоски, задолжен за Арената. Навивачите ја очекуваат цената на влезниците, а се очекува да се трошат како алва и салата да се преполни со 2000 гледачи.

Loading