ФЕСТИВАЛ ВО ЗНАК НА ПАТРОНОТ

Подготовки за 46 – от МТФ”Војдан Чернодрински”

Стартуваа подготовките за 46-от МТФ “Војдан Чернодрински”. Петар Темелковски повторно е избран да ја креира програмата на Фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 3 до 10 јуни. Собранието доби нов член, Охридскиот театар, кој ќе влезе рамноправно со другите театри во трката за учество на Фестивалот. До крајот на април треба да бидат подготвени сите претстави со кои театарите ќе се пријават за учество. Ќе ги гледам и ќе одлучам кои заслужуваат да се дел од фестивалската програма. Очекувам годинешното издание да биде поуспешно, затоа што имам информации дека во театрите се подготвени добри и квалитетни претстави. Ветувам богата програма – вели уметничкиот директор Темелковски. Годинешното издание ќе му биде посветено на патронот, бидејќи се одбележуваат 60 години од упокојувањето на Војдан Чернодрински, чиј живот згаснал во Софија во 1951 година. Во негова чест во 1965 година бил формиран Македонскиот театарски фестивал, кој е вистински репрезент на македонскиот театар.

Чернодрински прв македонски драмски автор

Војдан Поп Георгиев Чернодрински е македонски писател, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Првата драма на македонски јазик е “Македонска крвава свадба” со која забележал големи успеси. Други дела се “Од глаата си патиме”, “Робот и агата”, Зло за зло”, “Срешта”, “Македонска емиграција”, “Духот на слободата” и многу други, од кои поголем дел се поставувани на театарските сцени низ земјата, вклучувајќи го и прилепскиот кој го носи неговото име. Тој е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи македонскиот јазик.

Loading