СЕКОЈ МЕЧ БОРБА ЗА ЖИВОТ НА 11 ОКТОМВРИ

Фудбал: Стартуваа подготовките за Прва лига

Одговорноста е пред спонзорот и градот

 

Точно 30 фудбалери, како војска наредени, ги почнаа подготовките на 11 Октомври за пресудната пролетна второлигашка етапа. Целта е врвот од табелата и оттука најсериозниот пристап од првиот ден. Третата позиција од есеноска не е доволна, мора барем скалило повисоко. Нема лесно, напролет. Секој меч е борба за живот. Знаеме како е да се брка врвот, прво или второ место. Веруваме во одбраниот тим со прволигашки квалитети. Продолжуваме со она што нé красеше, да функционира како семејство во работна атмосфера. Зад нас е сериозен спонзор, Витаминка, а значајна е поддршката од градот и градоначалникот Марјан Ристески. Можеме први низ целта – порача спортскиот директор Марјан Стојкоски – Манта. Макотрпен е патот кон најголемиот успех во историјата. Распоредот е потежок во однос на лидерот Охрид 2004 и четвртото Миравци, а сличен со вториот Тиквеш. При мака се покажуваат јунаците, така и тимот, спој на млади со искусни . Задржани се сите, придодаден Тони Мегленски. Кога почнавме летоска од ден во ден се собиравме, а сега сме комплет, плус Мегленски, кој придонесува со квалитет и искуство. Времето за воигрување помина, треба надградба. Недостатоците мора да ги елиминираме, безпотребните картони, недисциплината, неефикасноста. За престап ќе има казни. Предвидено е и отстранување. Нема толеранција. Вложени се огромни средства и нема да се дозволи некој да тера по свое. Најдобриот тим мора да се потврди – рече Николче Здравески, тренерот. Услови има како ретко каде. На потег се актерите. Од средата се кондициските тренинзи. Одмор има секој четврт ден. Се работи двапати дневно, на терен и во фитнес сала. Низ седум – осум пријателски се гради формата до 6 март и гостувањето кај Миравци. Само со работа, максимално залагање, се стасува до целта. Со кренати глави да ја завршиме сезоната. Имаме одговорност кон клубот, спонзорот и градот – порача највозрасниот, Круме Митрикески, тренерот на голманите.

Во опција и Охрид

Подготовките се реализираат на стадионот Гоце Делчев, Спортски центар, Металец, Институт… Нема потреба за преселба во туристички центар. Не мрдаме од тука. Само за пријателските мечеви, можно е патување до Охрид – најави Здравески.

Шест млади

Кон екипата приклучија шест млади играчи. Од кривогаштанска Младост се Филип Милошески, Бобан Богоески, Кире Наумоски, а од младинскиот погон Симеон Здравески, Влатко Илиоски и Филип Наумчески. Стремеж е вадење млади, од свои редови. Есеноска Влатко Петрески, Филип Спиркоски, Столе Дунимаглоски и други се пробија во првиот тим Добро е да се користи шансата – рече Здравески.

Loading