ПАРИ ЗА КНИГИ, ПРЕТСТАВИ, КОНЦЕРТИ, ЗАШТИТА

Позната програмата за 2011 година

Во прилепските културни институции ќе се слеат повеќе милиони денари од програмата за 2011 година на Министерството за култура за поддршка на проекти за унапредување на статусот на уметникот, но и за негување и заштита на културното наследство. Министерството ќе го финансира печатењето на списанието “Стремеж” со два двоброја. Институтот за старословенска култура доби поддршка да ја печати книгата “Половина век од историјата на Македонија” од Мишел де Воз, додека издавачката куќа “Арлекин” ќе ги издаде “Очајот и присуството” од Трајче Крстески, “Забранетата книга” од Смиле Наумоски и избраните дела од Томе Неделковски, додека пак ИК “Теса” ќе ја обелодени публикацијата “Македонското резбарство – подеми и падови” од Павле Митрески. Виза за печатењето има и книгата “Зрзескиот исихастирион во 14 и 15 век” од епископ Климент. ЦК “Марко Цепенков” ќе ја следи манифестацијата “Прилепско културно лето”, ќе ја организира ликовната колонија “Дрен” и триесетина изложби, манифестацијата “Изворен фолклор на балканските народи” и ќе подготви три претстави – “Антигона” од Софокле со хрватскиот режисер Озрен Прохиќ, “Калигула” од Албер Ками во режија на Зоја Бузалковска и “Манги пијат чај” во режија на Коле Ангеловски. Задоволни сме од прифатените проекти и одобрените средства. Со сопствени пари ќе понудиме и други културни настани – вели Тони Чатлески, директор. Министерството даде пари и за одржувањето на четирите ликовни манифестации на Прилепското уметничко лето на ЦСЛУ, за изложба на Тони Чатлески во КИЦ во Скопје и во Неготино, за манифестацијата “Денови на македонска народна носија” во Кривогаштани, за Фестивалот “Пеце Атанасоски” во Долнени, за МТФ “Војдан Чернодрински” и за проектот “Стрипови без граници” на Центарот за визуелна уметност “Визант”. Со околу половина милион денари се поддржани проектите на Институтот за старословенска култура. Ќе се заштитува заборавениот археолошки локалитет Градиште кај селото Дебреште, ќе се конзервираат металните наоди, откриени кај селото Манастир и ќе се заштитуваат обичаите на празниците Дуовден, Иванден, Коледе, Лазарева сабота, Тодорица, Водици, Талалеја и на варошката слава Голем Петок. Завод за заштита на културно – уметнички и историски реткости и Музеј – Прилеп очекувал повеќе. Сепак, значајно е што пари ќе има за капиталните проекти, истражувањето на Стибера и за санацијата на Меморијалниот музеј 11 – Октомври. Музејот ќе ја догради постојната археолошка поставка, ќе конзервира икони, ќе ја збогати фототеката со фотографии од Методија Андонов – Ченто, ревалоризации на неколку цркви и археолошки истражувања на гробница во камен на локалитетот “Кукул – Баба”.

Loading