НА 30 ОТСТО ДО МАЖИТЕ

Ракомет: Жито Прилеп го одработува планот

Нема мрдање од планот во Жито Прилеп. Женскиот ракометен суперлигаш 17 ден ги одработува подготовките. Една недела беше во Крушево. Задоволен сум. Девојките издржаа напори и квалитетно истрчаа. Можам слободно да кажам дека се доближија 30 отсто до мажите. Имаме база за натаму – смета Ристо Магдинчев, тренерот. Продолжуваат тренинзи за шутерска, брзинска издржливост, вежбање тактичко – технички елементи. Се усовршува стекнатото од есеноска. В недела е патување во Србија. Распоредот е набиен. За пет дена, се четири – пет пријателски меча со домаќинот, Врњачка Бања, Наиса Ниш, Борац Чачак, Јагодина Светозарево и уште некој тим од регионот. Интенција се меѓународните контроли, игри со посилни за прогрес. Планираме осум – девет до дербито кај Металург – најавува Магдинчев. Играчкиот кадар брои 15 ракометарки, меѓу нив засилувањето на пивотменската позиција, Кристина Илиеска од Гевгелија.

ОБРАТНО ОД ХАЈДУК

Жито Прилеп ја користи реновираната и разубавена арена Сонце. Преселбата во новата сала донесе расположение. Ракометарките со мерак трчаат по новиот паркет. Обратно од сплитски Хајдук кога од Плинарата се селеше на Пољуд. Тие плачеа, а ние се радуваме, оти се враќаме во својот дом – истакнува Магдинчев.

СО ГРКИНКИТЕ НА 5-ТИ ФЕВРУАРИ

Грчки Арион, решил дали на 5 февруари да биде домаќин на првиот меч со Жито Прилеп, во осминафиналето од европскиот Челенџ куп. Одредена е поголемата градска сала во Птолемаида, наместо училишната. Во Ж. Прилеп најавија дека реваншот е во “Сонце”, во недела, на 13 февруари, во 19 часот.

Loading