НОВА ГОДИНА НА ВРВ ВО БУГАРИЈА

Игор Талески, љубител на планините и врвовите и Новата 2011 година ја дочекал на врвот Мусала – 2925 мнв, на највисоката точка во Југоисточна Европа и на Балканот. Паралелно, групата планинари – авантуристи од градов, традиционално се собрале на 2 јануари под Марковите кули на дружба во планински амбиент и под стеновито возвишение. Со оганче, гравче… Сé по традиција. Талески до врвот се искачил во типични зимски услови, температура далеку под нулата и комбинација на карпи и измрзнат снег. Користевме стандардна опрема. На врвот бевме пред полноќ, по прекрасно и чисто време. Уживавме во огнометот од Софија, Самоков и др. населени места во Бугарија – забележува вредниот Игор. По половина час се спуштиле до Леденото езеро, планинарскиот дом Еверест, до Боровец, Софија и назад во Македонија. Талески ги искачил и Митикас на Олимп и на Вихрен (Пирин) и Мусала (Рила). Додека на 9 јануари, триесетина планинари од ЕПД ,,Картуш,, изведоа планинарски марш, од Марковите кули до манастирот Пресвета Богородица. Екологистите уживаа во прекрасната глетка на сончевото време на повисоките места, зашто долу беше магла. В недела, ќе се планинари од Битола, село Лавци, планинарски дом Неолица, споменикот каде што се убиени народните херои Јоска Јорданоски, Елпида Караманди и се слегува во село Буково.

Loading