11 ОКТОМВРИ ГО ДОВРШУВА ПРОЕКТОТ “ПРВА ЛИГА”

Фудбал: В понеделник прозивка

Подготовки со 25 првотимци, меѓу нив новиот, Мегленски 

В понеделник, 17 јануари, завршува 40-дневниот одмор за второлигашот 11 Октомври со прозивката на тренерот Николче Здравески. Пред третопласираниот од есеноска претстои искачување место или две погоре на табелата, довршување на проектот “Прва лига”. Кон целта осмислени се долги и напорни подготовки. Првите два дена се лекарските прегледи, а од среда стартува тренажниот процес. Првата фаза е наменета за физичка издржливост, втората за воигрување на сите линии со пријателски средби. Последната недела малку се намалува темпото, пред првенствениот почеток – најавува Здравески. Работата е професионална. Нема импровизации и попуст. Животот е подреден на фудбалот, а играчите нужно е претпладне да се одморени, после е подготовка за тренинг, два часа работа, пак одмор и така два – трипати дневно до крајот на подготовките. Таков е фудбалот, работата е исклучително напорна. Играчкиот фонд е 25 првотимци, две постави плус тројца голмани, по потреба повлекуваме неколкумина од младинците. Сите треба да издржат, а се знае што не чека. Мора да ја подобриме реализацијата и дисциплината. Без потреба да не добиваме картони. Сите се знаеме, истите од есеноска плус засилувањето за средниот ред, Тони Мегленски. Убеден сум дека ќе се исполни потцртаното – вели Здравески. На фудбалерите е стопроцентно да се посветат кон задачите, бидејќи за се останато води сметка амбициозната управа, целосно подржана од спонзорот, АД Витаминка. Навивачите бараат нова серија успеси. Прогнозите се прво или второ место. Нема повеќе алиби, вадење како есеноска кога имаше многу нови и подоцна приклучени. Тимот се покажа квалитетен, доволно воигран и силно тргнуваме кон целта – пласманот во елитното друштво – порачува Николче Здравески. Пролетниот второлигашки дел стартува на 6 март, кога 11 Октомври гостува кај четвртопласираното Миравци.

Пресврт!

11 Октомври ја врати некогашната фудбалска филозофија за задржување на “скелетот” од тимот на подолг период. Се случи пресврт по 15-20 години. Претходно секои шест месеци клубовите сосема се менуваа, по 10-15 фудбалери заминуваа, исто толку доаѓаа. Нема менување на доброто, провереното. Со квалитетни, прволигашки фудбалери, продолжуваме напролет – смета Здравески. Во клубот се води сметка за застапеноста на домашните играчи, а тоа е “полн погодок” за публиката, која има миленици и за нив доаѓа многубројна на стадионот.

Loading