ИМЕНДЕН ВО БРИСЕЛ

Василица во семејството на Глигор Попоски

Мазник со паричка за среќа за слава на заштитничката

Чествување и на именден – Василица за младите

 

Семејството на Глигор Попоски, пензиониран професор, декан на Економскиот факултет, ректор и Универзитетот Свети Климент Охридски, некогашен потпретседател на МПЦ го посетивме на празникот Стефан ден. Допревме до семејство со градска традиција во слава на Василица, именденот на нивната ќерка, која е во Брисел, како сопруга на амбасадорот Мартин Тренески.

Васе се слави и во Европа

Од фамилијата само внуката Галена немала именден, иако рускиот календар го чести и тоа име. Ги почитуваме традициите. Татко ми, владиката Методиј, беше потписник на автокефалноста на МПЦ. Ја прекинав традицијата на црковни служители. Тоа ми е грешка, зашто уште од 1796 година мојот прадедо Илија служел во Параклисот. Ќерката Васе е крстена по мајка ми, по желба на Владиката. Другата Евгенија, има именден, еден ден пред Бадник, во постите. Василица не ни е куќна слава. Тоа е ден кога пријатели, роднини, на визита го честитаат името, покажуваат почит кон ќерката и семејството. Професорката од Скопскиот универзитет Васе нашата ќерка, и во Брисел не го заборава именденот. На 14 јануари – на Василица, подготвува коктел за пријатели во помало ресторан, зашто резиденцијата не и дозволува славење во поширок круг – кажува Глигор Попоски. Сопружниците Стефка и Глигор велат дека убава и благородна е традицијата како честитка да посетиш некој, да го изненадиш, да се видиш, да му посакаш здравје, успех … Имендените се токму тоа. Василица е празник славен од целиот православен свет. Славата, заштитникот на куќата – кај нас е друго. На Пречиста каниме одбран круг на блиски. И постарите ги чествуваа имињата. Ќе излезеа во 12 часот и се враќаа во 2- 3 часот. Се отвореше најголемата соба за гости, а некаде од 1920 година почна да се слави именденот како кратки блиц посети – велат Попоски, кои вртеле мазник со сирење.

Среќна солена и штедлива Нова година

Секој празник во различини семејства е посебена приказна, ткаена со исти нишки, но со различен фамилијарен здив. Уникатноста е и кај Попоски. Некаде паричето се става во лепче за Бадник. Ние го ставаме на Василица. Се собира семејство. Домаќинот трипати ја врти тепсијата со мазник, месен рачно, а денес во мазник со кори или бурек, со молба за здравје, успех, благосостојба на членовите. Се сечат толку парчиња колку што има членови семејството и едно за куќата и Господ. Оној кој ќе ја најди паричката ќе биде среќен цела година. Порано, побогатите ставаа златно паре – алтанче. Другите со парето купувавме сол. Денес, солта е поефтина, па паричките ги собираме пред домашниот триптих на иконата Богородица, Свети Климент и Јован Крстител. На времето, по завршувањето на Василевата литургија и службата во црквата, обично татко ми Методиј, го вртеше мазникот и ја благословуваше трпезата – објаснува Глигор Попоски. Него и на сопругата еднаш им паднало парето, зашто на децата им го местеле да се радуваат. Парето е радост за децата, куќата. Во 1958 година кога се зедовме првпат кај мене ,,падна,, и оттогаш никогаш повеќе – се смее сопругата Стефка. Василица Прекрасна, Царевна, Премудраја, Василиј Велики – цар византиски, кнез на Нов город, архиепископ од времето на цар Константин надарен за наука, за морална чистота… Многу имиња познати поврзани со празникот и обратно. Васе кај нас е женско име и се слави како именден, а во источна Македонија е машко име. Славењето ,,имиња,, е од Бугарија. Таму слават имендени. Србите прават слави. Прилепчани се космополити. Некои слават именден, некои слава – заштитничка Василица… Во Охрид, на Василица се чести и име Царевна. Обично, името се чести на мажот, како глава на семејството, а не на жените. Ние сме понапредни. Им ги честиме и на жените – рече Попоски. Пензионер е, со време за обработка на многу материјали, оставени од татко му, кои требало да се печатат и да ја видат светлината на денот. Пензионерските денови му минуваат во гледање телевизија, читање весници, книги, разговори со блиските во друштво со сопругата …

Календарот не подлежи на догми

На Василица било обрежувањето на Исус по законот на Израел и му било дадено тоа име. Денот на обрежувањето е 1јануари по јулијанскиот, или 14 јануари по грегоријанскиот календар. Василица е Нова година. На 14 јануари ја има уште Руската, Српската, Црногорската, Украинската црква… Бугарија, Романија, Грција, Турција слават по Грегоријанскиот календар. Во 1969 се обидовме Божик да го преместиме на 25 декември, а Нова година на 01.01. Се побунија дека целта е покатоличување и идејата отпадна. Тоа треба да се прифати од практична причина, зашто календарот не е нешто што подлежи на догми. Го составуваат луѓе. Јулијанскиот е по Јулие Цезар, Грегоријанскиот по папата Григур. И двата не се совршени. По јулијанскиот Божик е на 7 јануари, Нова година седум дена пред него. Тогаш се божикните пости, а за Нова година секој сака да се ,,омрси,, со месо, а не да јаде грав или посни сарми. Значи, се прекршуваат верски канони – вели Попоски.

Паричка, коцка и колбаси за Василица

На Василица се врти мазник со паричка, се игра партија хант, се фрла коцката да се виде кај кого ќе биде среќата. По црквите денот се почнува со Василевата литургија, а младите се радуваат на среќата со друштво или по фирмите. По селата и во некои делови од Македонија зетовите одат на колбаси кај бабите и на сурово месо, кое го собираат и потоа палат Василичарски огнови каде вкусуваат печено со ракија, а некаде има и карневали за истерување на духови….

Loading