СПОНЗОРОТ И ГРАДОТ СЕ ЗАД НАС

Фудбал: Пеце Коруновски, голман на 11 Октомври

Од второлигашката есен на 11 Октомври како печат остана рекордот од непримен гол долги 934 минути. Блокадата издржуваше дома и на гости. Меѓу стативите беше битолчанецот Пеце Коруновски. Немав многу работа, освен во триумфот кај Локомотива и ремито со Тиквеш. Посебно во Кавадарци, на квалитетен, прволигашки меч, успеав да одбранам и остана 0-0. Мрежа не се тресеше и од стоперите пред мене. Данилов го знаев одамна, а се уверив дека и Мирчески е непробоен. Заслугата е и на останатите – вели Коруновски. Првенството не одеше лесно. Тргна лошо со пораз дома од Миравци, продолжи без победа на Цементарница и пак дома со Беласица. Од три кола само два бода, а немаше паника. Одраз на голем клуб. Пред четвртото коло се случи најбитен момент – спонзорот Витаминка, односно директорот Симон Наумоски и градот со првиот човек Марјан Ристески, застанаа зад нас. Пријатно изненадување. Кога не одеше, добивме поддршка. Се потврди дека е правилна оценката за нашата вредност, оти беше потребно трпение за воиграње на новите – нагласува Коруновски. Напролет е разврската. Нема повеќе алиби, тимот е комплетен, сите остануваат, а придодаден е Тони Мегленски. Неопходна е серија победи за искачување од третото место на врвот од табелата. Очекувам прво место. Новиот Мегленски, мој врсник, е важен за средината. Уште од стартот со Миравци тргнуваме со триумф. Натаму е полесно. Нема кој да не сопре – порачува Коруновски.      Договорот со клубот е до лето. Остава можност за продолжување. Пред се, ако успешно се одработи проектот “Прва лига”. Можна е натамошна соработка, ако се договориме. По мајка ми сум половина прилепчанец и во Прилеп се чувствувам како во родната Битола – заврши Пеце Коруновски.

Најмеч во 2010 – купот со Металург

Куп натпреварот на 11 Октомври со прволигашот Металург, добиен со 1-0, е настан во 2010. Имаше квалитетна игра, резултат и – публика. Во средата присуствуваа близу 3000 гледачи на преполнетата нова трибина од стадионот “Гоце Делчев”. Публиката, критичарот и поддржувачот, секогаш е со нас. Важни се аплаузите, некогаш и свирежи, да имаме одговорност. Со Металург понесени заслуживме пласман натаму, но не бевме во “шема” и останува фановите да ги израдуваме напролет – вели Коруновски.

Loading