НАСИЛСТВОТО И БЕДАТА НА СУЗАНА ЛАЗАР

Прилеп – Кикинда и обратно

Сон за елка на 14 годишната ќерка Моника

Студот им ги гризе коските на мајката Сузана Лазар со 14 годишната ќерка Моника. Живеат во населбата Марино маало во куќа со малку топлина, помешана со реа на риби и мачка. Расфрланите алишта потсетуваат дека ненајавениот гостин зад врата стои. На креветот со учебник до неа, раката зачудено ја подаде 14 годишната Моника, ќерката на Сузана Лазар. Седмоодделенка е. Мечтае за новогодишна среќа, со елка, во сјајот на очите без солзи. Моника падна на мразот и доби потрес на мозокот. Мируваше в болница, а и сега дома. Се исплашив. Дај боже да е здрава. Нова година ќе ја дочека без елка и пакетче. Само здравје – кажува 50 годишната мајка Сузана Лазар. Живееле во Кикинда 20 години со сопругот. Заминала зашто мажот í бил пијаница и ги малтретирал. Не се јавувал. Болеста на мајката í од Сузана била можност да се избега од тиранијата. Сопругот беше алкохоличар. Пиеше и со ќерката ми нé малтретираше. Скиташе по кафеани и не се издржуваше. Дојдов да ја догледам мајка ми, која почина од склероза. Го барам патот за ќерка ми, да тргне во вистинска насока. Колку можам да í помогам – вели Сузана, која три години е во Прилеп, со страв од иднината.

Ручек кај роднини – кај пријатели, вечера…

Велат “од ќутукот на каменот”. Куќата на родителите студена – камен. “Жарот згаснал” веќе две години, кога починала мајка í. Сега, Сузана често е по “куќи”, во принудни визити кај стари пријатели, познаници, роднини да се згрее, да пророни некоја солза, да í олесни маката. Живееме како што мораме. Не сме дома и затоа е неред. Цел ден излезени. Се враќаме за спиење. Имам тетки и чичко. Имаат фамилии и парите ги даваат по лекови. Кај едни ќе се згрееме, кај други ќе ручаме, кај трети ќе вечераме, пријатели ќе помогнат… Се туткавме под кебиња во една соба. Немаме дрва за огрев. Побаравме од Центарот за социјални грижи и не одобрија еднократна помош за дрва – објаснува Сузана Лазар. Се греат со печка на струја. Ги убедувале познаници дека ако им кажат во ЕВН оти земаат социјална, нема да плаќаат струја. Мора да се плати. Од каде, кога живееме со социјална помош од две илјади денари. Благодарни сме и на неа, иако не стасува за средства за хигиена. Тоалетот нема школка. Се снаоѓаме. Во собите, малтарот паѓа од ѕидовите, иако куќата не е стара. Немлива е од вода во визбата. Не е одржана – вели Сузана Лазар. Благодарна е на пријатели што í поддаваат обувки, облека, ранец со книги и униформа од училиштето “Гоце Делчев” каде што учи Моника. За прилепчанката со двојно државјанство – македонско и српско, луѓето велат дека била од фамилија со пристоен живот. Секогаш имала леб на масата. Сузана работела во “Политекс”, а родителите во Тутунски и во 11 – ти Октомври.

И стреите плачат кога ќе се роди женско

Животот на Лазар е судбина, пишана или сопствена грешка. Патот ја однесол во Кикинда. По 20 години брак и живот во Кикинда , а и работа во фабрикаа, се извежбала да прави ајвар, доматно пире, грашак, боранија, рен. Не била “забушант”. Копала и царевка, негувала стари луѓе кои í поддавале зарзават, огрев да и го подзакрепне буџетот. Живеевме добро со сопругот. Тој е Унгарец – католик. Неговите тешко нé прифатија. Три години сме во Прилеп, а татко í не се јавил да праша како е ќерката. Моника три години не видела богата трпеза, семеен топол дом, ниту одбележување на роденден, празници. Размислував да се вратам во Кикинда, но ќе треба да бидам кираџија. Таму е поскап животот. Пак од почеток, сé одново – раскажува Сузана Лазар. Не помогна ниту чукањето на вратите од институции. И фирмите немаат слух. Уште не е разведена официјално и има законски пречки. Алиментација не прима. Нужен íи е правен совет, и пари за постапката. До пензија и требале три години. Ако не вработување, тогаш сезонски би работела, без двоумење.

Ситни души и бизнис – мизерија

– Од социјални грижи не дадоа еднократна помош за дрва. И за на нива за тутун берење групирани се предвреме истите надничари, кај еден газда со години. Текстилните фирми бараат помлади. Немам многу здравје. Раката ми е повредена. За снимки и лекови, се потребни пари – кажува Лазар. Ситната жена Лазар е како чамец, спроти бура. Се лула, се бори со животот, заборавајќи и на здравјето. Плаче без солзи. На изглед е како видра, со неискористена снага, која заборавила за себе. Ликот и го извајал суровиот живот, сокривајќи ја секојдневната психичка борба за егзистенција. Животот како да подзаборавил дека Сузана и Моника се нежни души, кои копнеат за радост внимание, топлина и љубов.

Loading