ЈА ПРЕТСТАВУВАМЕ МАКЕДОНИЈА

Ракомет: Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, спонзор на РК Жито Прилеп

Спортот не трпи мешање политика. Очекувам спортска борба и триумф над Гркинките

Вистинска еуфорија беше деновиве во РК Жито Прилеп. Дојде спонзорот од САД, бизнисменот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Го следеше последниот меч на суперлигашот со Вардар осигурување (30-14), по кој е делба на врвот од табелата. Амбиција е прво место. Можеме, и сме близу до целта. Задоволен сум – вели Атанасоски. Неговото присуство беше мотив плус за разигрување. Одлично бранеше Наумоска, погодуваа Ацковска, Туцо, Петковска, Шалевска, Срњакова, Когој, Гичева и најмалата, Јолеска. Дел од тимот беа Ангелеска, Аџулеска, Ѓорѓиевска, Серафимовска и Папуџиева. За кусо време имаме успеси. Одиме на трофеј. Стојам на ветувањето – наградата е патување за цел клуб до Флорида. Преостанува на ракометарките да ја довршат работата – истакнува Атанасоски. Нема бегање од Гркинките. На 6 февруари во Птолемаида и на 12 февруари дома, се дуелите во европскиот куп Челенџ со Арион. Лани Мегас Александрос откажа поради амблемот со шестнаесеткракото сонце, овој пат се очекуваат мечеви. Немаме проблем, знаеме кои сме и што сме. Спортот не трпи политика. Очекувам спортска борба и триумф – порачува финансиерот. Има виза за доведување нови. Потребни се: голман, десен бек, пивот. Со поголемата конкуренција се подигнува и квалитетот. Настојуваме да сме уште посилни. Новите сигурно ќе придонесат, но и досегашните одлично напредуваат. Создаваме тим за благородна и одговорна задача – да ја претставува Македонија- забележува Атанасоски. Заминува на 7 јануари. Нема да го гледа двобојот со Гркинките, но ќе биде на линија за консултација и поддршка. Ако ја освоиме титулата, вонредно доаѓам да се радуваме на пехарот – заврши Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.

Седум дена во Крушево

По прозивката на 5 јануари, предвидени се два дена работа во арена “Сонце”. Потоа е преселбата во Крушево на седумдневни тренинзи. Од првиот ден се вклучуваат три – четири нови првотимки во Ж. Прилеп. Планирам комплетирање на сите фази. Кон крајот на јануари можен е турнир во Турција или контроли со странски ривали. Имавме малку одмор, оти само со работа доаѓа успех – рече Ристо Магдинчев, тренерот на Ж. Прилеп.

Loading