ГОЛГОТА СО НОВАТА ЛОКАЛНА КАСА

СДСМ соопшти дека доаѓа уште повеќе “надградена и проширена” економска голгота со буџетот за 2011 година усвоен од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот. Според нив, додека сиромашните граѓани одвај составуваат крај со крај, општинската власт подготвува ново, уште поголемо отежнување на животот. Сашо Велески, координатор на советничката група на СДСМ, вели дека малку е перманентната економската непогода, сервирана од централната власт, па се заканува и од локалната. Се изгласа буџет со рекордна милијарда денари. Од државни трансфери ќе се добијат скоро исто како лани. Тоа значи дека околу 400 милиони денари треба да се соберат од граѓаните и деловните субјекти на име даноци, локални такси, концесии и други безбројни давачки. Ако до вчера собрале само 77 проценти од предвидените, за в година планираат 100 отсто – вели Велески. Тој смета дека предлагачот првин тргнал колку му се потребни за трошење, па потоа ги смислил тие 400 милиони денари. Барем да смислел за капитални добра, па сите да почувствуваме економско живнување. 30 милиони денари се за споменици, 11,2 милиони денари за мебел, за возила, 27,3 за субвенции за ЈП, 4,5 милиони денари за културни манифестации, 15 милиони денари за регулација на речно корито, кое патем годинава се исфрли со ребалансот, 10 милиони денари за потпорни ѕидови… – рече Велески.

Loading